„Браќа, часот е велик. Врагот е пред нас. Но и примерот за саможртвување и готовноста за борба до смрт е пред нас. Нека докажеме дека сме корави Македонци, упорни борци и доблесни синови на родината. Од височините на Бела Вода (врвот над Слива), Македонија ќе го гледа нашиот подвиг“.
Битката кај Слива е една од борбите со која илинденските востаници ја бранеле Крушевската Република. Тоа е битка со која педесетина востаници, предводени од војводите Ѓорѓи Стојанов и Диме Смугрев, на 12 август 1903 година речиси до последен човек ја извршувале наредбата што подолго да го запрат налетот на турската војска.
Најголемиот дел од нив биле речиси деца, со неполни 16-17 години, кои доброволно им се приклучиле на востаничките одреди, иако претходно никогаш не држеле пушки в раце.
Тргнале да загинат за Крушево да преживее.
Битката кај „Слива“ е уште еден пример од борбите за време на Илинденското востание која восхитува со пожртвуваноста на востаниците. Оваа битка е дел од Илинденската епопеја за одбрана на Крушевската Република. Тоа е битка во која востаниците до последен човек ги бранат позициите за да му овозможат на населението да се извлече од градот.
На 12 август 1903 година, 3.000-на османлиска војска настапувала од правец на Кичево – Пуста Река за напад на Крушево.
Напредувањето на турската војска по секоја цена морало да биде запрено, се додека населението и другите востанички одреди од Крушево не се повлечеле безбедно во гората. Востаничкиот штаб сметал дека најпогодно место каде можело да се даде отпор подолго време е проодот „Слива“.
Најтешката задача ја имал одредот на војводите Ѓорги Стојанов и Диме Смугрев. Тие ја добиле задачата да ги бранат позициите на проодот „Слива”, каде што се штитело повлекувањето на населението кон гората. Тие позиции се сметале за најважни за одбраната на Крушево. Тој одред имал задача да ја задржи турската војска се додека населението и останатите одреди не се повлечат од градот кон гората.
Позициите кај „Слива“ биле уредени со длабоко ископани ровови, но голем дел од востаниците биле голобради момчиња, кои никогаш претходно не ја искусиле борбата ниту пак држеле оружје во рака. Тие со неполни 16 – 17 години се приклучиле на доброволниот востанички одред со кој командувал Тодор Христов, а подоцна влегле во состав на одредот на Ѓорѓи Стојанов.
За да не го остави својот свршеник сам, на одредот им се приклучила и девојката Злата, облечена во брсјачка народна носија.
Стојанов и Смугрев биле свесни за положбата во која се наоѓаат и дека практично се жртвувани. Сепак, тие ја прифатиле наредбата и додека триилјадната војска ги напагала позициите на „Слива” во повеќе бранови, тие ги куражеле борците иако при секој напад се проредувале. Со песна и оган, со пцовка и клетва јунаците со часови ги задржувале Турците. За тоа време населението веќе се повлекло.
Иван Алабакот бил последен со одредот и тој го повикал Стојанов да го повлече својот одред. Една десетина од одредот се повлекла, меѓутоа, османската војска веќе била на самите позиции. Горги Стојанов со 40 востаници, меѓу кои и девојка во брсјачка народна носија, биле решени да ги бранат позициите до последниот куршум.
По пробивот на војската во рововите, преостанатите девет востаници, меѓу кои била и девојката Злата, се самоубиле. Турските офицери биле изненадени од херојската смрт на востаниците. Откако турската војска ги зазела позициите, командантот во знак на почит кон загинарите востаници наредил почесна стрелба.
Значењето на битката кај „Слива е огромно. Благодарение на жртвите на востаниците дадени кај месноста „Слива“, со што се успорило напредувањето на турската војска, од Крушево се повлекло населението и главнината на востаничките сили. Битката кај „Слива“, според извршената задача и саможртвата на востаниците може да се спореди со битката кај „Мечкин Камен“
Во битката кај „Слива“ било заробено и едно од црешовите топчиња што денес се наоѓа во музејот во Истанбул.