На денешен ден пред 30 години во Скопје е осветен македонскиот храм Свети Климент Охридски. Големиот верски настан за православните Македонци се случи на 12 август 1990 година, за кој е испеана и песна.

Тој августовски ден реки народ од Македонија се слеваше во центарот на Скопје, кој остана на бдее цела ноќ на осветувањето на Соборниот храм на автокефалната Македонска православна црква „Свети Климент Охридски“.

Говор по тој повод одржа тогашниот поглавар на МПЦ г.г. Михаил.

Каменот-темелник на овој македонски храм е поставен на 23 април 1972 година, по проект на архитектот Славко Брезоски. Црквата е од типот ротонда, со димензии 36 x 36 метри и се состои од куполи и лакови, под кои е опфатена површина од околу 1.000 м². На тој простор може да се соберат околу 6.000 верници.

Главната црква му е посветена на Св. Климент Охридски, а долната црква на Св. Богородица. Од капелите, едната им е посветена на Цар Константин и царицата Елена, а другата на светиот маченик Мина. Кога ќе се влезе во внатрешноста на црквата, особено внимание привлекува иконостасот што е направен од дабово дрво. Основен мотив на резбата е флората – лозови листови, афионови булки и желади. Димензиите на иконостасот се 19,5 метри во должина и 12,5 метри во висина. Иконите што се сместени во него се насликани од Ѓорѓи Даневски и Спасе Спирковски.

И црквата во солунското село Каваклиево, која е дизајнирана од  Архимандритот Никодим Царкњас, кога бил свештеник во селото, е инспирирана од дизајнот на храмот Св. Климент Охридски во Скопје.

Под централната купола се наоѓа 3,5 метри високиот архиепискописки престол. Двата стола спроти него се високи по 2 метри и според каноните, се наменети за световниот владател и неговата сопруга.

Централната купола е со површина од 650 м². Фреските се дело на академскиот сликар Јован Петров со соработниците. Прв пат во светот Исус Христос е насликан на површина од 70 м², при што пречникот на едно око му е 1,5 м. Отстапувањето од каноните е тоа што пророците, наместо во стоечка положба се насликани во седечка положба. Второ отстапување од црковните канони е што се оставени големи прозорци. За да се одбегне големо количество светлина поставен е кристален плексиглас, што во зависност од аголот под кој паѓа светлината создава прекрасни преливи на бои.

Осветлувањето на црквата се врши преку пет тони тешкиот полилеј што е поставен под централната купола. На него се наредени околу 400 светилки. Вториот полилеј, кој е во средината, виси над светиот престол во олтарот.

Врз основа на проектот што го подготви архитектот Славко Брезовски, изградбата почна на 23 април 1972 осветувањето е извршено по повод 1.150 годишнината од раѓањето на патронот, св. Климент Охридски на 12 август 1990 во времето на Архиепископот Охридски и Македонски Господин Господин Гаврил.

На 45 метри високата камбанарија, што се наоѓа во дворот, лево (на север) од главниот влез на црквата, се поставени 3 камбани. Најголемата е тешка 1.000 кг, втората 500 кг, а третата 300 кг и сите се излеани во Австрија.

Фонтаната пред црквата е подарок од Исламската верска заедница.

Во дворот на Соборниот храм на 12 август 2007 бил поставен споменикот на архиепископот Господин Господин Доситеј, првиот поглавар на возобновената Македонска православна црква. Споменикот е висок околу два метра, а архиепископот Доситеј е претставен во природна големина. Се наоѓа во дворот на црквата од јужната страна. Споменикот го изработил академик Томе Серафимовски. Македонската православна црква го поставила овој споменик во чест на 8 декември – православниот празник на св. Климент.

 

Други настани од македонската историја на денешен ден:

На 12 август 1900 година во Велес е роден Ганчо Хаџипанзов, македонски револуционер и поет. Од неговото поетско творештво е позната само поемата „Ќе се вратам“. Се борел во интернационалните бригади во Шпанската граѓанска војна (1936-1939).

Загинал при одбраната на Мадрид, на 19 ноември 1936 година.

Во 1903 година околу 15.000 турски војници и башибозук под водство на Бахтијар-паша почнале офанзива против Крушево и Крушевската република. Штабот на крушевските востаници, по добиениот ултиматум од Бахтијар-паша, за да се предадат одговорил: „Востанавме за да се бориме за извојување на слобода за Македонија, а не да се предаваме“.

Но, кога градот се нашол во безизлезна состојба, штабот наредил востаниците да се повлечат со цел да се зачува градот од разурнување. Во жестоката битка загинале 32 востаника. Меѓу нив неколкумина се самоубиле.  Крушевската република паднала утредента, по борбите на преминот Слива и во месноста Мечкин Камен.

Во 1905 година во Велес е роден Бане Андреев – Ронката. Беше член на КПЈ, на АВНОЈ и на АСНОМ, а од 1949 година партиски и воен раководител. Во 1949 година бил обвинет за недоследност во оживотворувањето на политиката на КПЈ и бил исклучен од партијата. Во 1960 година повторно бил примен во редовите на СКЈ.

Умрел во Белград, на 31 октомври 1980 година.

На 12 август 1945 година во Скопје е основано македонското Лекарско здружение.

(Д.Г.)