Турција наскоро ќе ги нападне милитантите со тенкови и војници, изјави синоќа турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган, повторно најавувајќи можна копнена офанзива против курдската милиција во Сирија.
Тој ја даде изјавата додека турската артилерија продолжи да ги гранатира курдските бази и други цели во близина на сириските градови Тал Рифаат и Кобани, изјавиле за некои светски агенции два сириски воени извори.
– Веќе неколку дена се бориме против терористите со нашите авиони, топови и оружје … Ако даде Господ, сите ќе ги истребиме што е можно поскоро, заедно со нашите тенкови, нашите војници, рече Ердоган во говор во североисточна Турција.
Тој претходно изјави дека операциите нема да бидат ограничени само на воздушни напади и може да ги вклучат и копнените сили. Во последниве години, Турција спроведе неколку големи воени операции против сириската курдска милиција, Народните заштитни единици (ЈПГ) и милитантите на Исламската држава во северна Сирија.
Турција во понеделникот соопшти дека ЈПГ убила две лица во минофрлачки напади од северна Сирија, по турските воздушни операции во текот на викендот и смртоносниот бомбашки напад во Истанбул една недела претходно.
Сириските демократски сили (СДФ) предводени од ЈПГ соопштија дека 15 цивили и борци биле убиени во турските напади во последните денови.