Турција и Русија се согласија да обезбедат бесплатно жито за сиромашните земји во Африка, изјави турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган, пишуваат турски медиуми

– За време на нашите разговори со (рускиот претседател Владимир) Путин, се согласивме да испратиме бесплатно жито во земјите на кои им е потребна, нагласил Ердоган.

Според турскиот лидер, за ова разговарал и со генералниот секретар на ОН, Антонио Гутереш.

– Страдањето на милиони луѓе се игнорира. Болката на секој невин човек што умира во Африка, особено во Сомалија, без пристап до секојдневните потреби, ги крши нашите срца. За жал, не се прават напори да се стави крај на оваа трагедија што води милиони луѓе до смрт од глад. Срамно е што западните земји, кои му предаваат лекции за човештвото на остатокот од светот, остануваат рамнодушни кон оваа трагедија, рече турскиот лидер.

Африка, Азија и Латинска Америка, додаде Ердоган, се вредни за нив онолку колку што им служат со евтина работна сила, злато и нафта.

На 2 ноември, Путин објави дека Русија, дури и ако се повлече од договорот за жито, е подготвена да снабдува жито за најсиромашните земји.