Турскиот претседател Реџеп Тајип Ердоган денеска го обвини женскиот марш во центарот на Истанбул за непочитување на исламот, бидејќи „учесничките на собирот гласно негодуваа на повикот за молитва“.
Неколку илјади жени во петокот се собраа на марш по повод Меѓународниот ден на жената, но полицијата ги растера, користејќи солзавец.
Ердоган на предизборен митинг денеска прикажа видео снимка од протестот, на која се гледа како жените пејат додека од блиската џамија се слуша повик за молитва.
– Тие покажаа непочитување кон повикот за молитва, рече Ердоган.
Жените кои учествуваа на маршот на Твитер напишаа дека пеењето и свиркањето било дел од демонстрациите и не било насочено на повикот за молитва, кој почна за време на нивниот протест.
Турската полиција редовно ги спречува протестите во центарот на Истанбул.
Анкара, пак, ги заостри ограничувањата по прогласувањето вонредна состојба по обидот за пуч во 2016 година. Вонредната состојба е укината во јули минатата година.