Ние не бараме од опозицијата да го поддржи премиерот. Бараме од опозицијата да го поддржи евроатлантскиот пат на Македонија. Ова е најдобриот договор што го добивме. Тој е разумен, мислам засега, и треба да продолжиме напред што е можно побрзо. Затоа, се надевам дека сите страни на политичкиот спектар ги поддржуваат потребните промени за да можеме да продолжиме напред во унапредување на кандидатурата на Македонија, вели заменик-помошникот државен секретар на САД за Западен Балкан, Габриел Ескобар.

Во интервју за Гласот на Америка, Ескобар нагласува дека земјата треба да продолжи напред што е можно побрзо.

Кредибилитетот на процесот на проширување, истакнува Ескобар, зависи од Македонија.

Она што би сакал да го слушнам од опозицијата е посветеноста на патот на евроатлантските интеграции. И тоа вклучува разгледување начини како Македонија да се доведе до следната Меѓувладина конференција. Би рекол дека кредибилитетот на процесот на проширување зависи од Македонија. Имаме земја која направи сè што е потребно за да премине на следниот чекор и мислам дека го заслужува следниот чекор. И мислам дека сите, и во рамките на Европската унија, и во политичките структури на Македонија, треба да направат сè што е можно за ова да успее, подвлекува Ескобар.

Тој ја коментира и изградбата на автопатите.

Имаме дијалог со Владата за конкретни наводи и конкретна поддршка што можеме да ја дадеме. Можам да ви кажам дека од Вашингтон, нашата најголема грижа е дека корупцијата е еден од најголемите предизвици за целиот регион, не само за Македонија. Секретарот Блинкен и премиерот Ковачевски долго разговараа за тоа за време на нивниот состанок, за начините на кои можеме да работиме заедно за намалување на корупцијата во регионот. Имаме силен интерес да се погрижиме Македонија и останатите земји од регионот да го направат својот дел за намалување на корупцијата и спроведување на владеењето на правото. Сè што можам да кажам е дека имаме добро партнерство со Македонија. Тие прават реформи за корупција и ние мораме да продолжиме да ја продлабочуваме таа соработка, вели Ескобар во интервјуто за Гласот на Америка.