Специјалниот пратеник на САД за Западен Балкан, Габриел Ескобар, предупреди на многу можни последици доколку Црна Гора не ја реши повеќемесечната длабока политичка и институционална криза.

– Црна Гора е во многу длабока криза. Блиску е до институционален колапс каков што речиси никогаш не сум видел во ниту една земја. Влада нема. Две влади паднаа и немаше напредок во формирањето на уште една. Тие немаат кворум во Уставниот суд што би можел да потврди нови избори, изјави Ескобар во интервју за Гласот на Америка.

Заменик-помошникот државен секретар на САД потсети дека мандатот на претседателот Мило Ѓукановиќ истекува напролет. Претседателката на Парламентот на Црна Гора, Данијела Ѓуровиќ, неодамна распиша претседателски избори за 19 март.

– Може да се случи да немаат претседател да им го довери мандатот, да немаат влада која ќе оди напред и Уставниот суд да ги одобри сите одлуки и да ги потврди изборните резултати, нагласи Ескобар.

Американскиот функционер повтори дека главна задача е веднаш да се пополнат испразнетите места во Уставниот суд, па потоа да се оди на избори.

– Треба да почнат од Уставниот суд. А освен тоа, веруваме, а и анкетите покажуваат дека огромно мнозинство граѓани сакаат нови избори. И оттука треба да почнат, смета Ескобар.

Ескобар, повикувајќи се на мислењето на Венецијанската комисија, рече дека секоја идеја дека „Уставот се менува со просто мнозинство“ е многу опасна.

– Веќе кажавме дека не сме сигурни дека тоа би била уставно валидна влада. Не сме сигурни дека би можеле да се потпреме на одлуките на таква влада. Ги охрабривме да не го прават тоа, заклучи тој.

На крајот на декември парламентарното мнозинство го прогласи лидерот на ДЕМОС, Миодраг Лекиќ за мандатар за состав на новата Влада на Црна Гора, врз основа на контроверзните измени на Законот за претседател што претходно ги усвои Собранието, и покрај негативното мислење на Венецијанската комисија.

Претставниците на САД и Европската унија предупредија дека не треба да се избира влада врз основа на тие промени. Преговорите за формирање влада во меѓувреме пропаднаа.