Сред енергетска криза и кога зимата почна да ги покажува забите почна да се полнат складиштата на мазут во ТЕЦ Неготино за стартување на термоцентралата и производство на електрична енергија која сега скапо ја плаќаме од увоз.

– Мазутот се доставува со секојдневна динамика според пресметките на капацитетот за прием, информираат од АД Електрани на Македонија (ЕСМ).

На сликање за јавноста и заеднички увид во подготовките на термоцентралата денеска беа генералниот директор на ЕСМ, Васко Ковачевски, генералниот директор на ТЕЦ Неготино, Небојша Стојановиќ и членови на управните одбори на двете акционерски друштва.

ТЕЦ Неготино, како државна електрана, има статус на „ладна резерва“ во електро-енергетскиот систем и од страна на вработените се одржува во состојба на готовност.

-ТЕЦ Неготино сега се вклучува во услови на глобална енергетска криза и енормен раст на цената на електричната енергија, поради кои околности производната цена на оваа термоцентрала, која во нормални околности беше висока, сега е пониска од цената на берзите, стои во соопштението од ЕСМ.

Во повеќе наврати медиумите објавуваат дека празни се депоата на термоелектраните и допрва се планира увоз на јаглен, испразнети се и хидроакумулациите за хидроцентралите, а еве и „ладната резерва на Македонија“ се уште се полни со мазут во време пред Божик, кога зимата е на прагот. Во меѓувреме, Македонија увезува скапа струја од Европа, а цената ќе ја платат граѓаните.