ЕСМ Продажба денеска потпиша договор за снабдување со природен гас за производство на топлинска енергија за топланите Исток, Запад, Енергетика и Скопје Север, како и за останатите потрошувачи на природен гас во Македонија, во прв ред за поголемите производствени и услужни капацитети. Договорот е потпишан со фирмата Balkan Utilities од Бугарија, за испорака на природен гас за месец јануари по цена од 115,97е/MWh. Макпетрол понуди нешто повисока цена.
„Договорот е потпишан со фирмата Balkan Utilities од Бугарија, за испорака на природен гас за месец јануари по цена од 115,97е/MWh. Истата фирма даде понуда за снабдување и до 1.5.2023г., со тоа што ќе дава месечни понуди за цена пред почетокот на секој месец. Досегашниот снабдувач со гас на АД ЕСМ, Макпетрол Пром–Гас, понуди цена од 116,20e/MWh, која не беше фиксирана, односно е подложна на корекции за јануари. Третиот понудувач A.P.M.P. Handels Ges не даде комплетна понуда“, соопшти ЕСМ.
Потрошувачите на природен гас во државата потребно е да се обратат до ЕСМ Продажба за понатамошно снабдување за своите потреби од 1.1.2023г.
ЕСМ Продажба на 23 декември објави повик за прибирање понуди од домашни и странски компании кои имаат можност да обезбедат и да испорачаат потребна количина на природен гас. Дополнително беше испратена директна покана за понуда до сите активни лиценцирани фирми за трговија и снабдување со природен гас во државата, се вели во соопштението.