Рускиот претседател Владимир Путин денеска потпиша указ со кој се забранува извозот на нафтата и нафтените деривати во земјите кои го поддржаа ограничувањето на цената на руската нафта. Забраната ќе стапи на сила на 1 февруари и ќе важи во следните пет месеци.

Членките на Г7, Европска Унија и Австралија овој месец се согласија да ја ограничат цената на руската нафта која се превезува со танкери на 60 долари за барел, со цел да се намали способноста на Русија да ја финансира својата војна против Украина. Ограничувањето почна да важи на 5 декември.

– Забраната стапува на сила на 1 февруари 2023 и ќе се применува до 1 јули 2023 година, објави Кремљ.

Иако извозот на суровата нафта ќе биде забранет од 1 февруари, забраната за нафтените деривати ќе биде определена од руската влада и би можела да почне по овој датум. Указот вклучува клаузула која му овозможува на Путин да ја прекине забраната во одредени случаи.