Естонскиот парламент денеска ја избра министерката за правда Уле Мадисе за нов претседател на земјата, обезбедувајќи го потребното двотретинско мнозинство во првиот круг од гласањето, јави ДПА.

Мадисе беше единствен кандидат за оваа претежно церемонијална функција и со изборот стана втората жена претседател на Естонија, по Керсти Каљулаид, која беше претседател од 2016 до 2021 година.

Актуелниот претседател Алар Карис објави дека нема да бара реизбор на функцијата.

На тајното гласање, Мадисе ги доби гласовите на 71 од 101 член на парламентот. Седум гласачки ливчиња беа оставени празни. Останатите пратеници беа отсутни или не учествуваа во гласањето.

Таа беше номинирана од 75 пратеници од двете владејачки партии, Реформската партија и Ести 200, како и од опозициските социјалдемократи и конзервативната партија Исамаа (Татковина).

Во говорот што траеше нешто помалку од 10 минути, Мадисе вети дека ќе работи за благосостојбата на Естонија, која ја опиша како земја на првата линија на безбедноста за цела Европа и целиот слободен Запад. Таа не се осврна на конкретни прашања од надворешната политика.

Оваа 51-годишна правничка многу години работела како професор по право на Технолошкиот универзитет во Талин и на Универзитетот во Тарту, а во својата работна кариера,исто така, била и правен советник на поранешниот естонски претседател Томас Хендрик Илвес, потсетува ДПА.