Украина официјално ја информираше Меѓународната организација за цивилно воздухопловство (ICAO) за растечките ризици за цивилните авиони во рускиот воздушен простор. Министерот за надворешни работи Андриј Сибиха потврди дека Русија е прогласена за небезбедна за цивилен сообраќај. Овој потег следува еден ден пред претседателот Володимир Зеленски да ги повика странските авиокомпании да избегнуваат летови над Русија, пишува Euronews.

„Украина официјално го информираше ICAO дека рускиот воздушен простор не е безбеден за цивилното воздухопловство поради зголемена воена активност. Ги повикуваме сите да го избегнуваат тоа“, објави Сибиха на платформата X.

Тој додаде дека Русија „намерно ги игнорира постојните закани“ што ги создаде со војната против Украина и потсети дека овие ризици веќе предизвикаа неколку воздухопловни инциденти во последните години.

„Ова е наша одговорна одлука. Ги информираме ICAO, сите авиокомпании и влади за да бидат внимателни – дури и ако Русија одбие да ја исполни својата обврска и да ги информира. Сакаме да спречиме несакани инциденти“, рече Сибиха.

Официјалното известување до ICAO дојде еден ден откако украинскиот претседател Володимир Зеленски ги предупреди авиокомпаниите, осигурителите и компаниите што ги користат руските аеродроми дека воздушниот простор станува сè поопасен. Причината беа зголемените украински операции со дронови со долг дострел.

„Денес сакаме да ги предупредиме сите авиокомпании што го користат рускиот воздушен простор, секој осигурител и сите што сè уште ги користат клучните руски аеродроми: Руското небо станува целосно небезбедно“, рече Зеленски.

Зеленски нагласи дека Украина не е закана за цивилното воздухопловство, но истакна дека ризиците повеќе не можат да се игнорираат поради зголемениот обем на украински операции со дронови во Русија. Според него, рускиот воздушен простор практично ќе биде затворен бидејќи последиците од војната што ја водеше Москва се повеќе се чувствуваат на руска територија.

Само неколку часа по изјавата на Зеленски, летовите меѓу Турција и Москва беа прекинати. Податоците од московскиот аеродром Внуково покажуваат дека турскиот нискобуџетен превозник Пегасус ерлајнс откажа 12 летови до и од Москва синоќа.

Турските медиуми објавија дека летот на Пегасус од Анталија до Москва е пренасочен и поради безбедносни проблеми во рускиот воздушен простор. Националниот превозник Туркиш ерлајнс во голема мера ги одржува своите рути, но откажа две заминувања и две пристигнувања од Истанбул.

Украинскиот воздушен простор е затворен за цивилни летови од почетокот на руската инвазија на 24 февруари 2022 година. Спротивно на тоа, руската цивилна авијација продолжи да работи во текот на целиот конфликт, иако прекините и привременото затворање на аеродромите поради нападите со украински беспилотни летала стануваат сè почести.

И покрај ризиците, значителен меѓународен сообраќај продолжува да поминува низ рускиот воздушен простор. Додека европските и американските авиокомпании престанаа да летаат низ Русија уште во 2022 година, големите авиокомпании како што се „Емирати“, „Туркиш ерлајнс“, „Ер Индија“, „Етихад“ и „Катар ервејс“, како и неколку кинески авиокомпании, продолжуваат да ги користат руските воздушни коридори.