Пронајдениот дел од стабилизаторот на урнатиот авион на „Етиопиан ерлајнс“ во Етиопија бил во слична чудна положба како и кај авионот на компанијата „Лајон ер“, кој се урна минатата година, соопштија денеска истражувачите.
Етиопскиот тим истражувачи пристигна во Париз каде моментално се прегледуваат црните кутии.
Позицијата на стабилизаторот, кој ја движи хоризонталната опашка на авионот ќе помогне да се утврди дали авионот при полетувањето неконтролирано го движел „носот“ кон земјата.
Во последните шест месеци се урнаа два авиона од типот Боинг 737 Макс 8.
Во несреќата од 10 март, кога се урна авионот на „Етиопиан ерлајнс“ загинаа 157 патници и членови на екипажот, а во несреќата над Јаванското Море, кога се урна Боинг 737 Макс 8 на авиокомпанијата „Лајон“ загинаа 189 лица.
Авиокомпании ширум светот ги приземјија авионите од типот Боинг 737 Макс 8, додека не се откријат причините за падот на авионот.