Европската Унија денеска ги продолжи за уште една година санкциите против режимот на Башар Ал Асад во Сирија, до 1 јуни 2020 година.

Санкциите против сирискиот режим се состојат од ембарго за нафтата, рестрикции врз одреден вид инвестиции, замрзнување на имотот на централната банка на Сирија кој се наоѓа во земјите на ЕУ, ограничувања за извоз на опрема и технологија која може да биде употребена во внатрешна репресија или за прислушување.

Моментално на списокот на санкционирани се наоѓаат вкупно 270 лица и 70 ентитети, пет починати лица се отстранети и еден ентитет за кој повеќе нема основ за санкции.

Европската Унија оцени дека продолжувањето на санкциите против режимот на Башар Ал Асад и неговите поддржувачи и блиски останува согласно нејзината стратегија за Сирија.

ЕУ потсетува дека е посветена на изнаоѓање „трајно и кредибилно политичко решение“ за конфликтот во Сирија.