Европскиот парламент (ЕП) утре ќе расправа и гласа за годишниот Извештај за Македонија, кон кој групите на Зелените и Социјалистите доставија предлози за измени и дополнувања, кои се однесуваат на непримерно и провокативно однесување на бугарските власти.

Во амандманот, претставници на бугарската Влада се обвинети за провокативни изјави за историски прашања кои ја засегаат Македонија и се повикуваат бугарските власти да се воздржат од такви изјави и покрај тековната изборна кампања во Бугарија.

Предлогот го дадоа четворица европратеници од групата на Социјалистите и Зелените: Тонино Пицула (Хрватска), Тања Фајон (Словенија), Андреас Шидер (Австрија) и Марек Белка (Полска), а во амандманот стои дека „се осудуваат неодамнешните провокативни изјави на претставници на бугарската Влада за историски прашања што ја засегаатМакедонија, што е спротивно на духот на Договорот за добрососедство со Бугарија и се повикуваат бугарските власти да се воздржат од такви изјави и покрај изборната кампања што е во тек во Бугарија“. Воедно, со вториот амандман се поздравува зрелиот и избалансиран одговор на владините претставници на Македонија на овие провокации.

Бугарските европратеници најавија дека ќе гласаат против амандманите предложени од Социјалистите и Зелените во Извештајот за напредокот на Македонија, кои, како што оценуваат, содржат квалификации неприфатливи за Бугарија.

Европратеникот од Европската народна партија, Андреј Ковачев изјави дека ЕПП во знак на солидарност ја поддржала Бугарија и поднела два амандмана кои се поврзани со немањето напредок во спроведувањето на претходните препораки на Европскиот парламент за дискриминација на граѓаните кои отворено го изразуваат својот бугарски идентитет и /или етничко потекло и силно ги охрабрува властите и граѓанското општество да преземат соодветни мерки за историско помирување со цел да се надминат поделбите помеѓу и во рамките на различни етнички и национални групи, вклучително и граѓани со бугарско потекло.

Европратеникот Ангел Џамбаски од групата на европски конзервативци и реформисти вели „скандалозните корекции од страна на Зелените и Социјалистите, биле направени во последен момент, а уште поскандалозно е што претседател на Партијата на европските социјалисти, е Сергеј Станишев, кој е бугарски претставник во ЕП“.

-Оваа партија го предлага скандалозниот амандман: „ЕП треба да се спротивстави на некои владини водачи и функционери во Софија“. Ова се однесува на вицепремиерот и министер за одбрана Красимир Каракачанов, кој е историчар и претседател на ВМРО. Тој води апсолутно бескомпромисна битка против историските фалсификати што ги шират скопските фалсификатори, вели меѓу другото Џамбаски.

Делегацијата на бугарските социјалисти во Европскиот Парламент излезе со остар став во врска со нивната интервенција во претстојниот Извештај за Македонија, откако ВМРО на Красимир Каракачанов ги обвини социјалистите дека „направиле национално предавнички амандман“ на резолуцијата за земјава, Според нив, не е изненадувачки што во ек на изборната кампања во нивната земја одредена политичка сила уште еднаш употребува арсенал на лаги и клеветнички шпекулации и го нарушува авторитетот на Бугарија во ЕУ заради сопствен интерес – нејзиниот политички опстанок.

-Надминувањето на парламентарниот праг може да биде политичка цел, но не може да послужи како изговор за злоупотреба на бугарскиот национален интерес. Објавувањето мапи и непримерени изјави може да ги зголеми процентите, но ја прави целокупната позиција на Бугарија во Европа неприфатлива. Заради ваквите настани, нашите европски партнери не го разбираат однесувањето на нашата земја. Значи, не добиваме поддршка, туку нови резолуции, стои во реакцијата на Делегацијата на бугарските социјалисти во ЕП, се додава, нема да го поддржи амандманот затоа што тој не го одразува целосно историскиот и политичкиот контекст на Балканот.

Потпретседателката на Бугарија Илиана Јотова вчера оцени дека европратениците подготвуваат недозволив амандман во резолуцијата за Македонија.

-Амандманот е насочен против Бугарија. Невидено е дека таков документ содржи и укор кон сегашна земја-членка, напиша на нејзиниот ФБ профил Јотова .

Таа ги повика, како што вели, нејзините поранешни колеги во Групата на Социјалистите и демократите во ЕП да го повлечат амандманот.

-Јазикот на омраза и провокативни изјави, како и сузбивањето на правата на луѓето со бугарска самосвест се заштитен знак на Република Северна Македонија. Подготвениот амандман уште еднаш го потврдува неуспехот на бугарската држава да им ја објасни на своите европски партнери својата позиција за РС Македонија, вели Јотова.

Иако се само од консултативна природа, извештаите за напредокот на ЕП за земјите кандидати го одразуваат располжението на различните политички сили во Европскиот Парламент.

Бугарското Министерство за надворешни работи претходно вчера, по повод, како што се наведува, честите манифестации на говор на омраза и дискриминација во Македонија, излезе со став дека Софија очекува Скопје да го брани правото на секој граѓанин на слободно самоопределување.

Вицепремиерката и министерка за надворешни работи Екатерина Захариева го повикала заменик-шефот на амбасадата на Македонија во Софија Владимир Крастевски на разговор во Министерството за надворешни работи на кој присуствувала и в.д. директорката на Дирекцијата за Југоисточна Европа Ива Крулева, при што била изразена „длабока збунетост и разочарување од големата негативна кампања во РС Македонија против претставникот на Скопје на Евровизија 2021 година, Васил Гарванлиев“.