Хрватскиот европратеник Тонино Пицула, е избран за известувач за самитот ЕУ-Западен Балкан кој ќе се одржи во мај во Загреб. Тој ќе има задача да формулира препораки во име на Европскиот Парламент во пресрет на лидерскиот состанок и да помогне да се деблокираат преговорите со Скопје и Тирана.
Пицула се заблагодари за довербата на Парламентот и порача дека ќе понуди „сет на конкретни препораки“ со кои треба да се надмине блокадата од последниот самит на ЕУ во октомври и да се отворат преговорите за членство со Албанија и Македонија.
-Правејќи грешка, францускиот претседател, Емануел Макрон со блокирањето на преговорите со С. Македонија и Албанија успеа нешто што не планираше – го врати проширувањето во фокусот на европско ниво. Најдобро се виде тоа во денешниот говор на претседателката Урсула фон дер Лајн која во своето обраќање јасно порача дека вратите на ЕУ остануваат отворени и таа тема ја истакна веднаш на почетокот на својот говор, изјави вчера Пицула.
Во својот воведен говор пред гласањето на Европскиот Парламент, новоизбраната претседателка на Европската Комисија потврди дека перспективата за членство во ЕУ на западниот Балкан останува жива.
Франција во октомври ги блокираше преговорите со Македонија и Албанија повикувајќи се на потребата за претходна внатрешна реформа на Унијата како и на целиот преговарачки процес со регионот.
За известувачот Пицула „расправата за реформата не смее да го сопре процесот“.
-Земјите треба да бидат оценувани индивидуално, врз основа на индивидуални заслуги и постигнувања, рече европратеникот.
Покрај оваа улога, Тонино Пицула е и редовен известувач на Европскиот Парламент за Црна Гора. Неговиот извештај за загрепскиот самит се очекува во текот на март идната година.