Финансиска помош од 700 милиони евра од ЕУ и оперативна поддршка од Фронтекс со дополнителни гранични полицајци, бродови, авион и хеликоптери – се со цел Грција да се справи со мигрантското прашање, најави претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен од Еврос.
Претседателот на Европскиот совет Шарл Мишел, претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен, претседателот на Европскиот парламент Давид Сасоли, како и потпретседателот на ЕК, Маргаритис Схинас, премиерот на Хрватска Андреј Пленковиќ и хрватскиот вицепремиер и министер за внатрешни работи, Давор Божиновиќ, придружувани од грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис, денеска со хеликоптер надлетаа над копнената граница со Турција за да ја видат ситуацијата.
На заедничката прес конференцијата челниците на европските институции испратија порака дека грчките граници се и надворешни граници на Европската унија, јави дописничката на МИА од Атина.
Претседателката на Европската комисија рече дека денеска се испраќа јасна порака на европска солидарност и поддршка до Грција, истакнувајќи дека „прв приоритет е да се одржи редот на грчката надворешна граница, што е и надворешна граници на Европа“.
-Обврзани сме да ја мобилизираме целокупната неопходна оперативна поддршка за грчките власти. По барање на Грција Фронтекс се подготвува да активира група за брза интервенција со седум бродови, два хеликоптери, еден авион, две возила со камери, 100 гранични полицајци, освен веќе постоечките 530, граничните полицајци од Фронтекс ќе се распределат на копнената и морската граница. Можеме да дадеме економска поддршка од 700 милиони евра за Грција. 350 милиони евра што се веднаш достапни и дополнителни 350 милиони што може да се побараат во рамките на еден изменет буџет. Оваа поддршка се однесува на справувањето со мигрантското прашање, рече Фон дер Лајен.