По тридневни маратонски и на моменти тензични преговори, шефовите на држави или влади на земјите членки на ЕУ, синоќа ги избраа новите први луѓе на водечките институции на Унијата.
Иако пред Самитот не беше споменувана како можен кандидат за некоја од европските водечки институции, германската министерка за одбрана Урсула фон дер Лајен на крајот беше избрана за нова претседателка на Европската комисија. Белгискиот премиер Шарл Мишел ќе биде нов претседател на Европскиот совет, а шефот на шпанската дипломатија Жосеп Борел ќе ја преземе функцијата висок претставник на ЕУ за надворешна политика и безбедност.
Носителите на новите раководни функции во ЕУ, согласно правилата, сега треба да ги одобри Европскиот парламент.
Доколку Европарламентот ја одобри нејзината номинација, Фон дер Лајен ќе биде првата жена на чело на Европската комисија и ќе биде одговорна за предлагање и спроведување на законите во Унијата и за реализација на трговските договори.
Фон дер Лајен е родена во Брисел во октомври 1958 година, но кога имала 13 години со семејството се преселила во Германија. Таа е ќерка на политичарот Ернст Албрехт. Студирала економија на Лондонската школа за економија, како и медицина на Универзитетот во Хановер.
Од 1990 година таа е членка на Христијанско демократската унија (ЦДУ) на германската канцеларка Ангела Меркел и важи за една од нејзините најблиски соработнички. Од 2003 до 2005 година е министерка за социјална политика, жени, семејство и здравство на сојузната покраина Долна Саксонија, по што преминува во федералната политика со изборот за германски министер за семејство, повозрасни жители, жени и млади. На оваа функција останува до 2009 година, кога е избрана за германски министер за труд и социјална политика, по што од декември 2013 година го презема раководењето со Министерството за одбрана на Германија. Од ноември 2010 година е и потпретседател на ЦДУ.
Нејзината кариера беше помрачена откако во 2015 година беше обвинета дека препишала поголем дел од нејзиниот докторат. По спроведената истрага од страна на Универзитетот во Хановер беше утврдена дека нејзиниот докторат по гинекологија „содржи грешки“, но и беше дозволено да ја задржи докторската титула.
Фон дер Лајен важи за заговорник на посилна интеграција на ЕУ и се залага за поблиска воена соработка меѓу членките на Унијата. Таа беше и еден од најголемите поддржувачи на политиката на Меркел за отворени врати за мигрантите.
Таа е во брак со професорот по медицина Хајко фон дер Лајен и имаат четири деца. Зборува германски, француски и англиски јазик.
Новиот прв човек на Европскиот совет, Шарл Мишел е роден во 1975 година. Тој е син на поранешниот европратеник Луј Мишел. Студирал право на Слободниот универзитет во Брисел (УЛБ) и на Универзитетот во Амстердам, каде дипломирал во 1998 година, по што работел како адвокат.
Во политика се вклучува на 16-годишна возраст, кога се зачленува во подмладокот на либералното Реформско движење. На 18 години е избран за член на локалниот Совет на Брабант, а во 1999 година и за пратеник во белгискиот Парламент. Следната година станува министер за внатрешни работи на белгискиот регион Валонија, а во 2006 година е избран за градоначалник на Вавр.
Во Федералната влада влегува во 2007 година, како министер за развојна соработка, а по напуштањето на оваа функција во 2011 година е избран за лидер на Реформското движење. Од октомври 2014 година е премиер на Белгија, кога имал 34 години.
Оженет е и има три деца. Зборува француски, холандски и англиски јазик.
Новиот висок претставник за надворешна политика и безбедност Жосеп Борел е роден во 1947 година во шпанскиот регион Каталонија. Во 1996 година дипломирал аеронаутика на Техничкиот универзитет во Мадрид, а паралелно студирал и економија.
Од 1975 година е член на Шпанската социјалистичка работничка партија (ПСОЕ). Политичката кариера ја започнал како локален и регионален советник, а во 1986 година е избран за член на шпанскиот Парламент. Од 1991 до 1996 година е шпански министер за јавни работи и животна средина. Во јуни 2004 година е избран за член на Европскиот парламент, а истата година станува и негов претседател, функција што ја извршува до 2007 година. Од јуни 2018 година е шпански министер за надворешни работи, ЕУ и соработка.
Во брак е со потпретседателката на Сенатот на Шпанија, Кристина Нарбона.
Доколку Европарламентот ги потврди номинациите на новите раководители на институциите на ЕУ, тие ќе ги преземат функциите на крајот на октомври годинава.