Предлагам да не дозволиме дополнително непочитување на независноста на судството и на Уставот и законите и разграничување на надлежностите, изјавил грчкиот премиер Алексис Ципрас на денешната владина седница посветена на изборот на претседател на Врховниот суд, јавен обвинител и тројца потпретседатели на Уставниот суд на Грција, брифираат грчки владини извори.
Како што јави дописничката на МИА од Атина, грчката Влада на вонредната седница што траеше над четири часа, зад затворени врати, донесе одлука за избор на новите челници на највисоките судови.
На почетокот од обраќањето пред министрите од Владата, грчкиот премиер, според истите информации, објаснил дека процесот на избор, кој е и институционално важечки и наметнат, „како што е одредено со законот, веќе започнал многу време пред европските избори, преку прелиминарен избор од страна на Парламентот, во кој учествуваа сите партии“.
– Од етички причини, но и поради демократската чувствителност, побарав од министерот за правда да испрати писмо до опозицијата за да се најде консензуално решение, рекол Ципрас и додал дека побарале од Нова демократија да биде постигнат консензус во изборот на претседателот на Врховниот суд, јавниот обвинител и потпретседателите на Уставниот суд, за да не може во иднина опозициската партија да тврди дека судството е поврзано со актуелната Влада.
Ципрас упатил остри критики до Нова демократија, велејќи дека со не прифаќањето на предлогот од Владата за заедничка одлука, опозициската партија „потврдила дека во никој случај не ја интересира ниту независноста на судството, ниту почитувањето на Уставот и законите“.
– Таа сонува за враќање на власт со цел да ги контролира клучните институционални алки, за нелегитимно да ги заштити своите интереси, но и да се одмазди, рекол Ципрас пред министрите.
Одлуката на грчката Влада да го заврши процесот на избор започнат на почетокот на мај, наиде на остри критики од опозициските партии во Грција.
Нова демократија смета дека изборот е противуставен и нелегален, бидејќи во земјата набрзо ќе се одржат парламентарни избори и ја одби поканата на министерот за правда на Грција, Михалис Калогиру, за договор околу следниот претседател на Врховниот суд, јавен обвинител и тројцата потпретседатели на Уставниот суд.