Европска Унија и министрите за надворешни работи на Германија, Франција и Велика Британија денеска соопштија дека нема да го прифатат ултиматумот од Иран.

Во заедничкото соопштение европските земји вклучени во мултилатералниот договор за иранската нуклеарна програма и високата претставничка на ЕУ за надворешна политика Федерика Могерини се истакнува дека остануваат посветени на Договорот.

Го отфрламе секој ултиматум и ќе процениме во која мера Иран ги почитува своите обврски за нуклеарните прашања, се посочува во соопштението.

Исто така се истакнува дека Германија, Франција и Велика Британија жалат што САД повторно воведе санкции кон Техеран.

– Одлучни сме да ги продолжиме напорите да овозможиме продолжување на легитимната трговија со Иран, се потенцира во заедничката изјава.

Иранскиот претседател Хасан Рохани вчера предупреди дека Техеран ќе престане да се придржува до одредени делови од нуклеарниот договор и им даде рок од 60 денови на земјите потписнички да го исполнат своите обврски, посебно за банкарските и нафтените сектори.

Рохани посочи дека Иран ќе продолжи со високо ниво на збогатување на ураниум доколку светските сили не придржуваат до ветувањата дадени во рамките на мултилатералниот договор за иранската нуклеарна програма од 2015 година.

Тој во телевизиското обраќање наведе дека земјите потписнички на Договорот – Велика Британија, Франција, Германија, Кина и Русија имаат 60 денови да ги исполнат своите обврски за да ги заштитат нафтените и банкарските сектори на Иран од американските санкции.

– Ако петте земји се приклучат во преговорите и му помогнат на Иран да добие корист во областа на нафтата и банкарството, Иран ќе се врати на своите обврски од нуклеарниот договор, потенцира Рохани.

Тој посочи дека Иран сака да преговара за новите услови со преостанатите партнери, но призна дека ситуацијата е сериозна.

– Доколку истече рокот, а не се постигнат подобри услови, Иран ќе почне со поголемо збогатување на ураниум. Доколку другите земји ги исполнат барањата, Иран ќе се врати на првичните ветувања од нуклеарниот договор од 2015 година, наведе Рохани во писмата испратени до лидерите на Велика Британија, Кина, Франција, Германија, Русија и Европска Унија.

Откако Техеран најави делумно повлекување од Договорот американскиот претседател Доналд Трамп воведе нови санкции кон Иран кои се насочени кон приходите од извозот на индустриски метали.

Тој се закани и со понатамошни мерки ако Техеран „фундаментално не го смени своето однесување“.

Белата куќа соопшти дека извршната наредба на американскиот претседател се однесува на железото, челикот, алуминиумот и бакарот.

САД минатата година унилатерално се повлекоа од Договорот, според кој Иран го ограничи збогатувањето на ураниум во замена за укинување на економските санкции.