Претседателот на Европскиот совет Шарл Мишел повика на смирување на ситуацијата во Ирак.
Мишел е првиот претставник на ЕУ кој отворено реагира по американскиот воздушен напад кај Багдад, во кој беше убиен иранскиот генерал Касем Сулејмани.
Треба да биде пресечен вртлогот од насилство, провокации и одмазди во последните недели во Ирак. Натамошното влошување на ситуацијата треба да се избегне по секоја цена, се посочува во соопштението на Мишел, цитирано од БТА.
Според него, „преголемата концентрација на оружје и милиции” им пречат на Ирачаните во враќањето кон секојдневните навики.
Мишел додаде дека постои опасност од ширење на насилството во целиот регион и од воскреснувањето на „мрачните терористички сили”, кои секогаш користат при религиозни и националистички тензии.
Пред два дена Мишел го осуди нападот врз Амбасадата на САД во Багдад, што доведе до нападот врз Сулејмани. Тогаш претседателот на Европскиот совет повика на почитување на меѓународното право.