Бројот на барања за азил во Европска Унија во 2019 година првпат бележи пораст од мигрантската криза во 2015 година, а повеќе од половина барањата примиле Германија, Франција и Шпанија, се наведува во извештајот на Европската канцеларија за поддршка на азилот (ЕАСО).
Минатата година околу 740.000 барања за азил се поднесени во ЕУ, што е за околу 11 проценти повеќе во споредба со 2018 година, а првпат Италија не е меѓу првите пет земји.
Најголем број на барања за азил во 2019 година примиле Германија (165.615), Франција (128.940), Шпанија (117.795), Грција (77.275) и Велика Британија (44.835).
Поради политичката ситуација во Венецуела и во другите јужноамерикански држави во Шпанија е двојно зголемен бројот на баратели на азил во споредба со 2018 година.
Во Италија лани 43.770 луѓе поднеле барање за азил, што е за 27 отсто помалку во споредба со 2018 година.
Најголемиот број на азиланти се од Сирија, Авганистан, Венецуела, Пакистан и Нигерија.
ЕАСО наведува дека постепеното укинување на мерките воведени за борба против Ковид-19 ќе го зголеми бројот на баратели на азил.