Косовскиот вицепремиер, Бесник Бислими вели дека отворањето на мостот на реката Ибар, кој ги поврзува јужниот дел на градот Митровица, населен со мнозинство Албанци и северниот, со мнозинство Срби, не е еднострана одлука на Владата или нерешено прашање од дијалогот, туку дека тоа е главно барање од договорот меѓу Косово и Србија со посредство на ЕУ во 2015 и 2016 година, јави дописникот на МИА од Приштина.
Преку објавата на платформата „Х“, Бислими потсетува дека планот за имплементација на ЕУ од 5 август 2016 година го смета отворањето на мостот за „симбол на нормализацијата на односите меѓу косовските Срби, Албанците и другите заедници“.
Главниот косовски преговарач во дијалогот со Србија го споменува и Извештајот на Европската комисија за Косово за 2020 година, во кој се вели дека “мостот треба да биде отворен за сообраќај на возила без дополнителни одложувања или пречки“
„Отворањето на мостот на Ибар во Митровица не е еднострана одлука на Владата на Косово, ниту е одложено или нерешено прашање од процесот на дијалог, туку тоа е главното барање од договорот меѓу Косово и Србија, а постигнат со посредство на ЕУ во 2015 и 2016 година. Понатаму, планот за имплементација на ЕУ од 5 август 2016 година го смета отворањето на мостот за ‘симбол на нормализацијата на односите меѓу косовските Срби, Албанците и другите заедници’. Извештајот на Европската комисија за Косово за 2020 година го носи следниот заклучок: „Работите на мостот во Митровица се завршени и мостот треба да биде отворен за сообраќај на возила без дополнителни одложувања или пречки“. Ова е формулацијата на ЕУ, но договорот е постигнат меѓу Косово и Србија“, напиша Бислими.
Косовскиот вицепремиер нагласи и дека на 19 јуни годинава, Посредникот на Европската унија за дијалогот меѓу Косово и Србија, Мирослав Лајчак
препорачал да има внатрешна расправа со локалните Срби на север и дека „партнер на Квинта“, групата дипломатски претставништва што ја сочинуваат САД, Германија, Велика Британија, Франција и Италија, побарал технички прегледи.
„При последната посета на емисарот Лајчак на Косово на 19 јуни, за време на средбата што ја имавме, во врска со мостот на Ибар, тој изјави дека доколку Косово не претпочита повторно да разговара за ова прашање во Брисел, негова препорака е да се развијат внатрешни дискусии со локалната Србите на северот, за да се адресираат потенцијалните безбедносни импликации и нивните грижи во врска со ова прашање. Во меѓувреме, партнер од Квинта го додаде барањето за технички инспекции“, напиша Бислими.
Тој рече дека Владата во Приштина ги следела овие две препораки, и нагласи дека ЕУ му се заканува на Косово доколку го спроведе договорот постигнат со посредство на ЕУ и дополнителните препораки.
„Ги следевме двете споменати препораки. Сега ЕУ му се заканува на Косово, во случај да го спроведе самиот договор постигнат со посредство на ЕУ и дополнителните препораки. Владата на Република Косово силно верува дека ЕУ промовира повеќе слобода на движење и помалку граници или ѕидови меѓу етничките групи“, напиша Бислими.