Европската комисија мора да ја засили борбата против олигарсите и нивните мрежи во земјите од Европската унија, нагласија пратениците во Европскиот парламент во извештајот на Комисијата за контрола на буџетот.
Олигарсите и нивните мрежи се однесуваат како држави во држава, за свои интереси, без разлика на демократијата. Нивното влијание во ЕУ, се зголеми до невидени размери во последните неколку години, се наведува во извештајот на Комисијата.
Нејзината резолуција за борба против олигарсите, ќе биде на гласање пред пратениците во ЕП, кон крајот на март.
Како што пренесува бриселскиот портал EUobserver, потегот на ЕП, да ја поттикне извршната власт на ЕУ, да се позанимава со корупцијата во блокот, следуваше истиот ден, кога трансатлантскиот парламентарен сојуз против клептократијата, вклучувајќи ги пратениците и членовите на американскиот Конгрес, побара санкции за корумпирани поединци во Унгарија.
Извештајот доаѓа и в очи на пресудата на Европскиот суд на правда следната недела, за новиот инструмент, што би му овозможил на блокот да суспендира средства на државите членки, при случаи на повреда на владеењето на правото.
Таа одлука би можела да ѝ овозможи на ЕК блокирање средства од ЕУ за Будимпешта и за Варшава.