Одлуката на ЕУ за обезбедување макрофинансиска помош за Македонија во износ до 100 милиони евра за справување со последиците предизвикани од руската агресија врз Украина, стапи во сила, откако денеска официјално е објавена во Службениот весник на Европската Унија.
Одлуката што Советот за општи работи (ГАК) на Унијата едногласно ја одобри на минатиот понеделник, е потпишана од претседателката на Европскиот прламент, Роберта Мецола и од шпанскиот државен секретар за Европската Унија, Паскуал Наваро Риос, во името на претседателот на Советот на ЕУ, Шарл Мишел.
Советот за општи работи (ГАК) на ЕУ ја одобри Одлуката на своето заседание во Брисле минатиот понеделник со 27 гласа „за“ и ниту еден „против“ или „воздржан“. Одлуката, што беше усвоена од страна на Европската комисија на 6 февруари годинава, претходно беше одобрена и од Европскиот парламент на 13 јуни, а на 5 јули и од Комитетот на постојаните претставници на владите на земјите членки во Европската Унија (КОРЕПЕР).
Во Одлуката се посочува дека економијата на земјава, која ги започна пристапните преговори со Унијата на 19 јули 2022 година, беше значително погодена од рецесија во 2020 година како последица на ковид пандемијата, како и од енергетската криза предизвикана од руската агресија врз Украина, што придонесе за зголемување на фискалните потреби.
– Владата на С. Македонија покажа силна посветеност за спроведување на понатамошни реформи, фокусирајќи се на клучните области на политиките идентификувани во Заедничките заклучоци од економскиот и финансискиот дијалог меѓу ЕУ и земјите од Западниот Балкан и Турција од 24 мај 2022 година, вклучувајќи ги реформите во судството, борбата против корупцијата и организираниот криминал, доброто владеење и владеењето на правото, се наведува во документот.
Како што јави специјалниот известувач на МИА од Брисел, Еврокомисијата посочува дека земјава успешно ја операционализираше макрофинансиска помош насочена за надминување на последиците од ковид пандемијата, спроведувајќи ги „сите реформски активности договорени со Унијата во Меморандумот за разбирање“.
Дополнително, се наведува во Одлуката, лани во април земјата постигна договор со Меѓународниот монетарен фонд (ММФ) за 24-месечна програма за ликвидност до 530 милиони евра, што беше официјално одобрена од Извршниот одбор од ММФ на 22 ноември 2022 година, за ублажување на последиците од надворешните влијанија, за поддршка на фискалната консолидација и забрзување на структурните реформи во повеќе области, вклучително и во даночната политика и јавните инвестиции.
– Со оглед на влошената економска ситуација и изгледите, Северна Македонија првпат побара макрофинансиска помош од Унијата за дополнување на програмата на ММФ во април 2022 година. Сепак, Комисијата го стави тоа барање во мирување, бидејќи економијата на земјата во тоа време се уште се покажуваше доста отпорна и имаше некои други опции за финансирање. Владата на Северна Македонија го обнови своето барање за макрофинансиска помош во октомври 2022 година, се додава во Одлуката.
Имајќи предвид дека земјава е кандидат за членство и ги започна пристапните преговори, ЕК смета дека таа има право да добие макрофинансиска помош од Унијата како „исклучителен финансиски инструмент за поддршка на платниот биланс, кој има за цел да одговори на непосредните потреби за надворешно финансирање“ и за спроведувањето на мерките за итно прилагодување и структурни реформи за подобрување позицијата на платниот биланс на краток рок.
– Во сегашните исклучителни околности макрофинансиската помош на Унијата за Северна Македонија ќе биде соодветен одговор на барањето на земјата за поддршка за стабилизирање на нејзината економија. Макрофинансиската помош на Унијата ќе ја поддржи економската стабилизација и агендата за структурни реформи на Северна Македонија, дополнувајќи ги ресурсите ставени на располагање според финансискиот аранжман на ММФ. Макрофинансиската помош на Унијата треба да има за цел да го поддржи обновувањето на одржливата ситуација со надворешното финансирање на Северна Македонија, а со тоа и да го поддржи нејзиниот економски и социјален развој, заклучува Комисијата.
Во документот натаму се посочува дека утврдувањето на износот на макрофинансиската помош на Унијата за земјава треба да се заснова на квантитативна проценка на преостанатите потреби за надворешно финансирање и да го земе предвид капацитетот на земјата да се финансира со сопствени ресурси, особено со девизните резерви со кои располага.
– При определувањето на износот на помошта треба да се земат предвид и очекуваните финансиски придонеси од мултилатералните донатори и потребата да се обезбеди правична поделба на товарот помеѓу Унијата и другите донатори, како и претходното распоредување на другите надворешни финансиски инструменти на ЕУ и додадената вредност на целокупното вклучување на Унијата во Северна Македонија, се додава во документот.
Според ЕК, оваа макрофинансиска помош треба да ја поддржи надворешната политика на Унијата кон Северна Македонија и посветеноста на земјата на заедничките вредности со ЕУ, вклучително почитување на демократијата, владеењето на правото, доброто владеење, почитувањето на човековите права, одржливиот развој и намалувањето на сиромаштијата, како и посветеност на принципите на отворена и заснована на правила и фер трговија.
– Предуслов за доделување на макрофинансиската помош на Унијата треба да биде Се. Македонија да ги почитува ефективните демократски механизми, вклучително и повеќепартиски парламентарен систем и владеење на правото и да гарантира почитување на човековите права. Дополнително, специфичните цели на макрофинансиската помош на Унијата треба да ја зајакнат ефикасноста, транспарентноста и отчетноста на системите за управување со јавните финансии, како и на управувањето и надзорот на финансискиот сектор и треба да промовираат структурни реформи кои имаат за цел да поддржат одржлив и инклузивен раст, создавање работни места и фискална консолидација. Комисијата треба редовно да го следи исполнувањето на тие предуслови од страна на С. Македонија и постигнувањето на тие цели, се потенцира во Одлуката.
Комисијата посочува дека со цел да се осигура дека финансиските интереси на Унијата поврзани со нејзината макрофинансиска помош се ефикасно заштитени, Македонија треба да преземе соодветни мерки во врска со спречување и борба против измамите, корупцијата и какви било други неправилности поврзани со таа помош.
– Дополнително, треба да се предвиди Комисијата да врши проверки, Судот на ревизори да врши ревизии и Европското јавно обвинителство да ги врши своите надлежности во однос на обезбедувањето на макрофинансиската помош на Унијата за С. Македонија, се додава Одлуката.
Со ваквата одлука како што наведе Европската комисија, таа застанува покрај Македонија во овие предизвикувачки времиња, бидејќи по руската агресивна војна против Украина, надворешниот биланс на земјата се влоши поради нејзината голема зависност од увоз на гориво и електрична енергија.
Според ЕК, помошта ќе придонесе за покривање на финансиските потреби на Македонија во 2023 и 2024 година, поддржувајќи ја и фискалната одржливост и структурните реформи.
Предвидено е помошта да биде исплатена во форма на заеми во две транши, но нивната исплата ќе зависи од реформите на политиките во областите на фискалното управување, даночната политика, управувањето со јавните инвестиции, јавно-приватните партнерства, деловното опкружување, транспарентноста во државната помош, енергетската ефикасност, реформите во судството и борбата против корупцијата, како и од спроведувањето на програмата на ММФ.
– Овие реформи ќе ја поддржат С. Македонија на нејзиниот пат кон членство во ЕУ, се додава во Одлуката.
Макрофинансиската помош е дел од поширокиот ангажман на ЕУ за поддршка на земјите кандидати за членство и партнерите од соседството, предвидена како исклучителен инструмент за одговор на кризи при сериозни проблеми со платниот биланс.