Македонските официјални претставници изразија разочарување што Европската унија уште еднаш не и додели датум за почеток на преговори на Македонија поради бугарското вето.
И Албанија, која е во пакет со нашата земја не доби датум за меѓувладина конференција. Премиерот Зоран Заев на маргините на Економскиот самит во Скопје изјави дека големата, визионерската идеја за обединета Европа денес има проблем. На Самитот вчера учествуваше и албанксиот премиер Еди Рама.
Заев оцени дека одлуката на ЕУ да не ја закаже првата меѓувладина конференција со Македонија и Албанија е големо разочарување, но, и огромен неуспех за политиката на ЕУ за проширувањето и лоша порака за целиот регион.
-Брисел ни порача дека ЕУ не успеа да најде начин да ја обезбеди заслужената интеграција на Западен Балкан. Е тоа е проблемот. Тоа што 26 земји членки на ЕУ не успеваат да спречат блокада на една земја членка тоа е проблем на Европа предизвикан од самата ЕУ, истакна Заев на заедничката прес-конференција со неговиот албански колега Рама.
Негова порака до домашните и за европските граѓани и политичари е дека алармот е вклучен и оти суштината и вредностите на ЕУ се доведени во прашање.
– Европските вредности се заеднички за земјите од ЕУ, но и за земјите кандидати за членство кои ги прифаќаат и ги развиваат. И еве денеска тие вредности се афирмираат од Западен Балкан – инклузивноста, мобилноста, толеранцијата, правдата, солидарноста. Треба да знаат сите од ЕУ кои овие вредности ги прифатија и ги промовираат како составен дел од европскиот начин на живот дека никој и со ниту еден акт не смее да ги доведе во прашање човечкото достоинство, еднаквоста и солидарноста, владеењето на правото, човековите права, рече Заев.
Тој е дециден дека ние не сме сами и оти нема да бидеме изолирани, македонскиот и албанскиот народ, како што кажа, пред себе имаат ист пат.
-Ние не запираме, а знам дека на овој пат со нас се и Србија, Црна Гора, Косово, БиХ. Ние сме Европа без разлика дали ЕУ ќе успее да ги тргне блокадите или не. Нашите народи и влади среде Балкан демонстрираат европски манири. Забрзано ги тргаме пречките и границите меѓу нас, за граѓаните, услугите и стоките да ни се движат слободно. Имаме заеднички идеи, предизвици и култури со нашите братски народи од регионот. И тука сме со премиерот Рама да најавиме дека ќе си ги зближиме уште повеќе народите, порача Заев.
Потсети дека минатата недела со делегација на Владата беше во Софија, како што наведе, со отворено срце и подадена рака за решение и со подготвеност за исчекор во позитивна насока со Република Бугарија. Претходно, во Софија беше и премиерот Рама.
– Гласот на Бугарија да не ја одобри преговарачката рамка наспроти едногласниот став на сите останати 26 земји членки сметаме дека не е во духот на добрососедските односи, нагласи Заев.
Уште еднаш ја повтори позицијата дека европските интеграции не смеат да бидат заложник на билатералните прашања.
-Остануваме посветени и не се откажуваме затоа што наша цел е европските вредности да ги донесеме овде до крај. Не е членството само заради членство во ЕУ. Во едни такви констелации ние во Бугарија потврдивме со обврската од португалското претседателство да доставиме патоказ или патна карта. Во самиот патоказ јасно се преземени обврските двете страни со конкретни датуми и конкретно задолжени институции во сите области за унапредување на соработка и буквално се сите области на коишто можеме да соработуваме, одговори Заев на новинарско прашање во врска со вчерашното соопштение од бугарското МНР во кое стои дека остануваат консултациите со С Македонија за спроведување на Договорот за добрососедство, но бараат да почнеме да ги спроведуваме преземените обврски на високо ниво од 17 јуни 2021 односно од посетата во Софија.
Посочи дека Македонија стана 30-та полноправна членка на НАТО, седна на масата со најмоќните земји на чело со САД, а во Алијансата е партнер со Албанија, но и со Бугарија и со Грција и со останатите земји членки.
Но, истакна Заев, за Скопје и за Тирана, Европа останува единствената алтернатива и стратешка национална цел за која вложуваат искрени напори.
Претседателот Стево Пендаровски на средба со делегација од Парламентот на Албанија, предводена од Мими Кодели, пратеничка и претседателка на Комисијата за надворешна политика, се согласиле дека двете држави заслужуваат да почнат преговори со ЕУ, што позитивно ќе се одрази и на регионот.
– Соговорниците се согласија дека и С. Македонија и Албанија заслужуваат неодложно да ги започнат преговорите со Европската Унија, при што оценија дека тоа ќе се одрази позитивно врз целиот регион и е геостратешка инвестиција во стабилна и просперитетна Унија, соопштуваат од Кабинетот на Пендаровски.
Вицепремиерот за европски прашања Никола Димитров на панел на Економскиот самит во Скопје рече дека навистина е важно да видиме остварување на ветувањето за европерспективите на регионот дадено во Солун.
-Ветувањето што Европа го даде на Балканот се случи во Солун во 2003 г, беше потврдено во Софија на самитот на ЕУ за Западен Балкан и годинава во Љубљана. Како вицепремиер станува се потешко да им зборувам на луѓето, на граѓаните дека ова е можно. Овој регион е опкружен со земји кои економски, политички, историски и кулурно припаѓаат на Европа и навистина е важно да видиме конкретни одлуки и движења во поддршка на остварување на ветувањето дадено во Солун. Немаме алтернативно решение освен да станеме функционална европска демократија која што е проследена со економски просперитет, рече Димитров.
Најави продолжување на реформите, но процесот на пристапување, како што кажа, ќе ни помогне да го направиме тоа подобро. И Димитров посочи дека оваа блокада на евроинетргцијата на земјата е проблем и за самата ЕУ.
Гашпер Довжан, државниот секретар во МНР на Словенија, во онлајн обраќањето најави дека претстојното словенечко претседателство со ЕУ во втората половина на годинава ќе биде фокусирано на регионот и ќе се базира на три столба. Првиот столб е продолжување на процесот на проширување на ЕУ, старт на преговорите со Северна Македонија и со Албанија и отворање нови поглавја со Србија и со Црна Гора. Вториот столб на словенечкото претседателство со ЕУ ќе биде спроведување на економскиот инвестициски план и отворање преспективи за младите, економска сработка во регионот и заеднички регионален пазар, додека третиот ќе биде создавање платформа за изнаоѓање решенија за отворените прашања во регионот.
Албанскиот премиер Еди Рама од Скопје исто така ја коментираше одлуката на ЕУ.
-ЕУ потфрли уште еднаш да донесе вистинска одлука. Што и да се случи, што и да се одлучи во Брисел ние ќе останеме посветени да ја зајакнеме економијата, да ја подобриме благосостојбата на нашите народи и да го сочуваме нашето достоинство. ЕУ може да поставува задачи, може да поставува рокови, датуми, но не може да ја смени локацијата на Албанија и С. Македонија кои се наоѓаат во средината на Европа, ниту иднината на нашите народи како европски народи во европското семејство, рече Рама.
Ние, кажа тој, повторно ќе треба да чекаме, но ќе продолжиме да го правиме истото, и да се потпираме на себе, а не само на тоа што го кажува Брисел. Тој ја нагласи важноста од регионалната соработка за напредок на регионот. Според него, по решавањето на спорот со Грција и потпишувањето на Преспанскиот договор, сите имаат право да се чувствуваат фрустрирано од блокадата која, овој пат, доаѓа од Бугарија. Рама рече дека неуспехот да се донесе одлука за почеток на преговорите со С Македонија и Албанија е неуспех на ЕУ.
На таа тема на Самитот зборуваше и евроамбасадорот Дејвид Гир, кој кажа дека заложбите од Солун се јасни и живи.
–Сите сакаме да го видиме отворањето на преговорите што е можно побрзо, но мора да останеме со чисти глави. Основите не се променети, заложбите од Солун се јасни и живи. Регионот на Западен Балкан е дел од Европа, неговото минато, сегашност и иднина се поврзани со ЕУ и логично е дека неговата иднина е во ЕУ. Да не забораваме, тоа е стратешка цел и на ЕУ, порача тој.
Напорите на претседателството на ЕУ за надминување на моменталната состојба, посочи Гир, направија значителна работа и сега, нагласи Гир, треба сите да останеме ангажирани.
Ова, нагласи евроамбасадорот, не треба да влијае на реформите, бидејќи патот кон ЕУ е пат на реформи и со нивното спроведување прво – Македонија дополнително се приближиува до ЕУ и второ – со самото отворање на преговорите секоја преземена реформа го прави патот кон целосно членство пократок.
Разочарување од одлуката на ЕУ искажа и американската амбасадорка во земјава Кејт Мери Брнз.
– Остануваме разочарани што ЕУ земјите членки не успеаја да ја усвојат преговарачката рамка за С. Македонија на вчерашниот состанок, но нема сомнеж дека државата ги исполни неопходните задачи за отворање на пристапните преговори со ЕУ и тоа е чекор што веруваме дека ќе ја зголеми рагионалната стабилност и ќе ги подобри политичката и економска активност, изјави Брнз.
САД, нагласи Брнз, ќе бидат со Македонија на секој чекор од ова патување, бидејќи тоа е од интерес за нашите заеднички стратешки цели.
– С. Македонија ги надмина политичката нестабилност и презема важни демократски реформи. Стана стабилен партнер за безбедноста и напредокот на целиот регион и покажа дека е подготвена да ги заврши тешките задачи неопходни за остварување на стратешките цели. Потпишувањето на Договорот од Преспа, членството во НАТО и отворање на патот кон ЕУ се само дел од позначајните успеси и сега е време за инвестициите и трговијата да почнат да носат економски бенефит од овие политички победи. Време е за економскиот раст да се зголеми, истакна Брнз.
Германската амбасадорка Анке Холштајн, на првиот Скопски економски форум, рече дека приоритет на владите мора да бидат кредибилни и одржливи реформи, а ЕУ мора да стои на своите заложби. -Пристапот „вие испорачувате, ние испорачуваме“ мора да важи. Важно е пристапните преговори со Македонија и Албанија почнат што е можно побрзо, рече таа.
– Германија останува силен поддржувач и ќе работи тоа да се случи. Идното членство на земјите од Западен Балкан во ЕУ е наша заедничка визија и геостратешки интерес. Германија останува цврсто посветена на оваа цел, изјави Холштајн.
Министерот за надворешни работи Бујар Османи и неговиот унгарски колега Петер Сијарто вчера во Штип отворија конзулат на оваа земја. Притоа Сијарто одговарајќи на новинарски прашања, рече дека Унгарија го почитува ставот на Софија дека прашањата кои тие сега ги наметнуваат се важни за нив, но оти нивното барање е да дадат доволно време да се најде решение за прашањето со Скопје и паралелно со тоа да започнат преговори за зачленување во ЕУ.
-Овие две работи да течат паралелно, изјави министерот за надворешни работи на Унгарија, Петер Сијарто во Штип.
Тој на новинарско прашање кои земји застанаа во одбрана на С Македонија во Луксембург и дали навистина имало тензични рассрави, потврди дека атмосферата била тензична, но оти не би сакал да потпалува поголеми огнови од она што е неопходно.
Сијарто потенцираше дека државите од централна Европа се многу приврзани на идејата за проширувањето на ЕУ. Како потврда за тоа најави дека министерот Османи наредната седмица оди во посета на Полска, каде заедно со претставниците на државите од Вишеградска група, вели, ќе се обидеме да направиме притисок да се реши проблемот со Бугарија“.