Хрватската јавност е згрозена откако на социјалните мрежи се појави фотографија направена во Општата болница во Сисак и каде се гледа дека две пациентки лежат во ист кревет.

„Додека пратеничката Маја Грба-Бујевиќ се слика со директорите на болниците, добиваме слика од Сисак каде што од итната помош немаат доволно кревети и ставаат двајца пациенти на една носилка. Многу хумано за 21 век“, се вели во описот на објавата.

Директорот на болницата Томислав Дујменовиќ потврдил дека фотографијата е вистинска, но дека тоа било само за кратко, затоа што имало наплив на пациенти, а немало доволно простор.

Тој додал дека во петокот во периодот од 13 до 15 часот имало повеќе од 60 пациенти, меѓу кои и голем број тешки случаи кои морале да бидат прегледани, дијагностички и хоспитализирани. Луѓето коментираа дека додека не излезат на улици да се бунат ќе биде исто, но и дека вакво нешто не виделе досега.