Кабинетот на претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен им препорачал на еврокомесарите да избегнуваат присуство на Парадата на гордоста во Будимпешта, најавена за кон крајот на следниот месец, со цел да не ја „провоцираат“ Владата на унгарскиот премиер Виктор Орбан, објави бриселскиот портал „Еурактив“, повикувајќи се на извори во ЕК.
Според истите извори, Кабинетот на Фон дер Лајен „јасно ставил до знаење дека не сака да види никого на Парадата“, затоа што не сака комесарите да се мешаат во внатрешни работи на земја членка на ЕУ и да создаваат тензии.
Порталот посочува дека причината поради која Кабинетот ги повикал комесарите да не присуствуваат најголемиот ЛГБТК настан во Унгарија е тоа што Фон дер Лајен била загрижена дека нивното присуство на настанот би можела да го „испровоцира“ Орбан, во периодот кога ЕУ треба да донесе значајни одлуки поврзани со нејзините политики и нејзината иднина.
Унгарскиот парламент во март усвои Закон со кој се забранува одржување на паради на гордоста во Унгарија. Дополнително, со законот им се овозможува на надлежните власти да користат софтвер за препознавање лица, за да ги идентификуваат поединците што организираат или присуствуваат на вакви настани.
Ваквиот закон беше критикуван од страна на претставници на ЕУ, а особено од голем број членови на Европскиот парламент, кои дури побараа и санкционирање на Унгарија поради ваквите законски решенија.
Но, и покрај забраната, организаторите на Парадата најавија дека немаат намера да се откажат од нејзиното одржување и ја закажаа за 28 јуни.
Фото: МИА Архива