Македонската фудбалска репрезентација за последен пат со капитенот Горан Пандев во составот денеска против домаќинот Холандија во Амстердам го игра завршниот натпревар на ЕУРО2020.
Две децении по дебито во националниот дрес, Пандев вчера официјално објави збогување со националниот дрес во кој спроти денешниот натпревар собра рекордни 121 настапи, заминувајќи во историјата и како најдобар стрелец во „црвено – жолтиот дрес“ со 38 голови спроти дуелот со Холандија. Стрелец на победоносниот гол во баражот против Грузија (1:0) со кој македонската репрезентација обезбеди историски пласман на Европските првенства, Пандев против Австрија на 13 јуни го постигна и првиот гол на „црвено-жолтите“ на ЕУРО020, станувајќи, притоа, втор највозрасен стрелец во историјата на Европските првенства, со 37 години и 321 ден.
– Ова е мој последен натпревар во дресот на Македонија. Оваа генерација го направи најголемиот успех во историјата на фудбалот во Македонија и сметам дека е вистински момент да се збогувам од националниот дрес. Среќен сум што се повлекувам на овој начин. Можам да кажам дека подобро збогување од дресот на Македонија на Европско првенство и не можев да посакам. Има емоции, но знам како да се носам со нив, изјави Пандев на официјалната а прес – конференција спроти денешниот дуел со Холандија што започнува од 18 часот на Арената „Јохан Кројф“ во Амстердам.
Соиграчите на Пандев и селекторот Игор Ангеловски најавија дека натпреварот во Амстердам ќе биде можност со позитивен резултат да се збогуваат со Пандев по поразите во воведните две кола од групата Ц на ЕУРО2020 против Австрија (1:2) и Украина (1:3)
-Со најавата за повлекување на Горан од репрезентацијата, имаме мотив плус за позитивен резултат. Горан чувствуваше повреда на мечот со Украина, но го одигра со две инјекции, не тренираше, но ќе игра против Холандија. И верувам дека сите ќе играат за него, порача вчера селекторот Ангеловски.