Околу шест отсто од германските државјани на возраст од 16 до 74 години, никогаш не користеле интернет, покажаа официјални податоци објавени денеска, јави ДПА.
Заводот за статистика соопшти дека ова одговара на околу 3.8 милиони луѓе, кои никогаш не биле онлајн.
Колку постари се луѓето, толку е поголем процентот на оние офлајн: највисок е меѓу лицата од 65 до 74 години – околу 21 отсто, меѓу 55 до 64 години – осум проценти, а под 55 години е најмногу три отсто.
Заводот за статистика го подвлече тоа, колку е потежок животот, за оние кои живеат надвор од интернетот во изминатите две години, со оглед на тоа колку услуги се префрлија онлајн за време на пандемијата на коронавирусот, од состаноци до испорака до дигитални сертификати за вакцина.
Низ Европската унија, просечната бројка за офлајн корисници беше осум отсто минатата година, но, има големи варијации меѓу земјите.
Според Еуростат, во Ирска, скандинавските земји, Холандија и во Луксембург, процентот на лица од 16 до 74 години, кои никогаш не користеле интернет, е под пет проценти.
Највисок процент имаше во Грција – 20, а потоа следуваа Бугарија и Португалија.
Според проценките на Меѓународната телекомуникациска унија на Обединетите нации, 37 отсто од светската популација никогаш не користела интернет – околу 2,9 милијарди луѓе ширум светот.