Со бугарски владин авион од Охрид во Софија ќе биде транспортиран тепаниот секретар на бугарското здружение Цар Борис Трети во Охрид, Христијан Пендиков и ќе се лекува во болница во Бугарија.

– Бугарските институции веднаш презедоа активности за транспортирање во Бугарија на државјанинот на РС Македонија со бугарска самосвест и секретар на организацијата Цар Борис Трети во Охрид, Христијан Пендиков, кој тешко нстрада по физички напад на 19 јануари 2023 година. Во случајот се вклучени сите надлежни бугарски институции. Жртвата ќе биде пренесена со владин авион на ’Авиотријад 28‘ и сместена во бугарска медицинска установа“, соопшти Министерството за надворешни работи на Бугарија.

Исто така, порачуваат и дека е неопходно да се изгради ефикасен механизам за заштита на Бугарите во Македонија, како и дека за инцидентот ги информирале меѓународните партнери – институциите на ЕУ и теренската мисија на ОБСЕ во Скопје.

– Информациите до нив ја нагласуваат сериозноста со правата на Бугарите во Северна Македонија и го изразуваат очекувањето на Бугарија дека овие прашањата нема да бидат потценети, туку ќе се решат на соодветен начин, велат од бугарското МНР.

За синоќешниот инцидент официјална Софија упати и протестна нота на амбасадорката на Македонија во Бугарија, Агнеса Руси Поповска. Во реакцијата за нападот, бугарското МНР наведе дека тој е последица на тоа што нема системски одговор од нашите власти за злосторствата над Бугарите, но и доказ дека Македонија не може да ја гарантира безбедноста ниту на сопствените граѓаните. Проблемите со правата на Бугарите, според Софија, не може да се негираат од македонските власти и од меѓународната заедница и порачуваат дека тоа е неспоиво со членство на земјава во ЕУ.

Бугарскиот претседател Румен Радев, исто така, реагираше и најави дека за ова ќе ги информира шефовите на држави и влади на земјите од ЕУ, како и европските институции и Советот на Европа.

Осуда стигна и од претседателот Стево Пендаровски, како и од министерот за надворешни работи, Бујар Османи.