Претепаниот охриѓанец Христијан Пендиков, кој пред еден месец бил фатен со кокаин, со бугарски владин авион е пренесен на лекување во Бугарија.
Секретарот на бугарскиот клуб „Цар Борис Трети“ во Охрид, Педников, е пренесен во Бугарија со владиниот авион „Фалкон“, јавуваат бугарските медиуми. Двајца лекари и една медицинска сестра од Воената медицинска академија во Бугарија го придружувале повредениот. Неговата состојба според тамошните медиуми е сериозна и му претстои операција.
Медиумите известуваат дека нападот врз 21-годишниот Пендиков синоќа го извршиле три лица.
Според европратеникот Андреј Ковачев, тој бил претепан и нападнат затоа што е Бугарин. МНР и претседателот Румен Радев го осудија чинот на насилство и потсетија дека наведените амбиции на Република Северна Македонија за членство во Европската Унија се во спротивност со реалноста, стои во написите.
– Властите во Македонија треба да преземат многу решителни мерки за да се надмине оваа атмосфера на омраза, дискриминација и закани кон секој кој отворено го декларира својот бугарски идентитет и своето бугарско потекло, рече Ковачев.
Претседателот Румен Радев уште еднаш ќе го предочи на шефовите на држави и влади во Европската Унија, како и на европските институции и на Советот на Европа, прашањето за почитување на правата на Бугарите во Северна Македонија, е наведено во соопштението од кабинетот на бугарскиот претседател, пренесуваат медиумите во Бугарија.
„Синоќешното претепување на охриѓанецот Пендиков во кафеана во градот, во кое тројца напаѓачи му ја скршиле вилицата, наликува на дилерско-криминална пресметка, и покрај тврдењата на бугарските власти дека Пендиков бил претепан затоа што е секретар на бугарскиот клуб „Борис Трети“, пишува СДК.
Повредениот Пендиков, според билтенот на охридската полиција, бил приведен на 17 декември минатиот месец во близина на селото Лескоец, кога добил и кривична пријава поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело ‘неовластено производство и пуштање во промет наркотични дроги, психотропни супстанци и прекурсори’. Од полицијата велат дека тогаш на Х.П. (22) од Охрид при преглед му бил пронајден кокаин.
Според СДК, и тепачите кои синоќа му ја скршиле вилицата на Х.П., ѝ се познати на полицијата во градот. За нив има досиеја дека се пријавувани за нарушување на јавниот ред и мир, и тоа во повеќе наврати.
Бугарското МНР најави протестна нота поради инвидентот со Пендиков, тврдејќи дека тој бил нападнат поради тоа што е секретар на бугарскиот клуб. Повредениот попладнево со авион на бугарската влада е пренесен во Бугарија на лекување. Тројцата напаѓачи се уапсени.
Според очевидци во охридската кафеана, синоќа околу 22.30 часот прво избувнала расправија меѓу тројцата напаѓачи и Пендиков, кој веќе бил во локалот кога дошле тие. Веднаш штом влегле во локалот, Х.П. почнал да ги пцуе и навредува, по што тие го извадиле надвор и во свој стил, познат и на полицијата, и на охриѓани, го натепале и му ја скршиле вилицата, велат очевидците, додавајќи дека не бил кажан ниту збор за политика, Македонија, Бугарија, а немало ни говор на омраза на овие теми.