Алијансата за заштита на Националниот театар поднесе кривични пријави против евроамбасадорот во Тирана, Луиџи Сореца (на фотографијата) и градоначалникот Ерион Велиај, јави дописничката на МИА од Тирана.
– По јавно објавените обвинувања, Алијансата за одбрана на Националниот театар денеска до Специјалното јавно обвинителство (СПАК) поднесе кривична пријава против евроамбасадорот Луиџи Сореца и градоначалникот Ерион Велиај. Алијансата го обвинува Сореца за незаконско влијание врз Уставниот суд, во корист на Велиај во врска со случајот „Театар“, пренесува Ора њуз.
Алијансата бара од шефот на државата Илир Мета и министерката за Европа и надворешни работи Олта Џачка, евроамбасадорот да го прогласат за непожелна личност.
– Ние, Алијансата за одбрана на театарот, посетата на амбасадорот Сореца на Уставниот суд го сметаме кривично дело, зашто оствари средба со претседателката на судот ден пред донесување на одлуката за што сметаме дека влијаел на одлуката на Уставниот суд. Ние го осудуваме ова кривично дело на амбасадорот Сореца и за сите овие активности го информиравме Европскиот парламент. Го замоливме и претседателот на Републиката Илир Мета да го прогласи за „персона нон грата“ во претседателската резиденција и од друга страна министерката за Европа и надворешни работи, Олта Џачка да го прогласи „нон грата“ на територијата на Албанија, рече Адриана Калаја, правен застапник на Алијансата.
Исто така рече дека побарале од СПАК да ги „заплени сите снимки од безбедносните камери внатре и надвор од Уставниот суд и да ги одземе снимките од телефонските разговори на Сореца со градоначалникот на Велиај.
Националниот театар на Албанија, што се сметаше за еден од најубавите и најзначајни објекти во албанската метропола, беше урнат во мај минатата година и покрај противењето на театарските работници, граѓани, граѓански здруженија, партии и претседателот Мета.
Објектот беше дело на италијанскиот архитект Џулио Берте, изграден 1938/39 година по барање на албанското кралско семејство.