Довербата на граѓаните на Македонија во ЕУ е 57 отсто и бележи намалување од шест отсто во однос на есента минатата година.
Сепак, 68 отсто сметаат дека членството во ЕУ би било многу добро за земјата, наспроти 16 проценти кои имаат спротивен став. Дека земјата ќе има корист од зaчленувањето во ЕУ сметаат 72 отсто од граѓаните.
Ова го покажуваат податоците од стандардното истражување на Евробарометар спроведено по европските избори меѓу 7 јуни и 1 јули 2019 година во сите 28 земји членки на ЕУ и петте земји кандидати.
Поддршка за прием на нови земји членки даваат 48 отсто од жителите на ЕУ, што е пораст од три проценти во однос на есента 2018 година. Најголема поддршка за проширувањето даваат Шпанците (70%), Полјаците и Литванците (69%), Унгарците (65%) и Словенците (64%). Најмала поддршка за проширувањето на ЕУ има во Холандија (31%), Франција (32%) и Германија(33%). Сепак, во Франција и Германија, во споредба со претходниот извештај, има раст од два отсто на оние кои се за прием на нови членки.
Граѓаните на Македонија како два најголеми проблема со кои се соочува земјата ја посочиле економската ситуација (35%) и невработеноста (30%).
На прашањето колку се задоволни од животот што го водат, 67 проценти од анкетираните во земјава одговориле дека се задоволни, а 33 незадоволни. Запрашани дали очекуваат подобар живот во наредните 12 месеци 33 отсто одговориле позитивно, 16 негативно, а 50 проценти сметаат дека животот ќе им остане ист.
Општата ситуација во земјата во моментот како добра ја оцениле 47 отсто од испитаниците што е за 10 проценти повеќе во однос на есенскиот Евробарометар. Како лоша, пак, ја оцениле 51 процент или за 11 отсто помалку во споредба со претходното истражување.
Економската состојба како генерално добра ја оценуваат 36 отсто (зголемување од 8%), а како лоша 62 отсто (намалување од 8%).
Подобрување на општата ситуација во земјата во наредните 12 месеци очекуваат 28 отсто, исто толку сметаат дека ќе биде полошо, 40 отсто оти ќе остане иста, а четири отсто не одговориле.
Довербата во Владата е 33 отсто, во Парламентот е 31 отсто, но и кај двете институции има раст од три отсто во однос на резултатите од есенскиот Евробарометар. Доверба во политичките партии, пак, имаат 20 отсто, наспроти 77 отсто кои немаат. На медиумите им веруваат 36 отсто, а не им веруваат 62 отсто од испитаниците.
Истражувањето на Евробарометар е спроведено според методологија „лице во лице“. Во ЕУ биле опфатени 27.464 испитаници, а во Македонија 1.017 во периодот од 12 до 26 јуни годинава.