Европскиот парламент во извештајот за односите меѓу Србија и Косово оцени дека решението на сложените политички предизвици изгледаат подалечни од кога било, а спротивставените ставови и понатаму се силни.

Во документот на аналитичкиот оддел на Европскиот парламент на тема „Односите меѓу Србија и Косово: конфронтација или нормализација“ се наведува дека повеќе од 100 земји, вклучувајќи ги и 23 земји-членки на ЕУ, ја признаа независноста на Косово, но дека „целосното признавање на Косово и членството во повеќето меѓународни организации и понатаму е далеку“.

Како што се наведува во извештајот, и Србија и Косово сакаат да бидат членки на ЕУ, а Унијата инсистира на тоа Србија да ги нормализира односите со Косово пред да се придружи.

Од 2011 година, со посредување на ЕУ двете страни решија некои технички прашања, но недоразбирањата ја спречија нормалната секојдневната интеракција меѓу нив во областите како што се трговијата, снабдувањето со енергија и прекуграничното патување, се наведува во извештајот.

Во раните фази од преговорите меѓу Србија и Косово, со посредство на ЕУ, кои започнаа во 2011 година, преговарачите беа фокусирани на практични проблеми со надеж за успех во решавање на овие проблеми за да се изгради доверба и да се создадат услови за решавање на повеќе тешки политички прашања, како што е автономијата на косовските Срби.

Во еден период се чинеше дека овој пристап функционира и тој произведе серија на договори кои кулминираа со Бриселскиот договор во 2013 година, а подоцна и со договорот од 2015 година, за Заедницата на српски општини, се вели во извештајот.

Но, оттогаш процесот е во застој, се вели во извештајот, кој укажува на тоа дека страните се против дури и кога станува збор за технички прашања како што се електричната мрежа или регистарските таблички на возилата.

– Решението за посложените политички предизвици изгледа далеку повеќе од кога било, ниту една страна не е подготвена да направи отстапки дури и во замена за членство во ЕУ, се вели во документот.

Се истакнува дека опцијата за корекција на границите која е спомената во 2018 година, привремено ги зголеми надежите за евентуален напредок, но противењето на домашната и меѓународната опозиција на оваа идеја се чини несовладлива.

– Иако и косовските и српските лидери признаваат дека треба да продолжат да разговараат, нема знаци на отвореност за компромис, се оценува во овој извештај, во кој се додава дека „и покрај зголемениот притисок на двете страни конечно да се постигне договор кој би можел да ја отклучи вратата за членство во ЕУ, односите се уште се затегнати и напредокот кон нормализација во моментов е во застој”.

Авторот на извештајот истакнува дека во 2015 година и Србија и Косово ги презентираа четирите договори склучени за време на преговорите со посредство на ЕУ, како пораз за другата страна. Тогаш премиерот Хашим Тачи рече дека Приштина всушност ја принудила Србија да го признае Косово како независна држава, додека српскиот претставник Марко Ѓуриќ истакна дека тоа е победа од 5-0 за Белград.

Слична логика важеше и кога српскиот министер за внатрешни работи, Небојша Стефановиќ, го поздрави одбивањето на Интерпол да го прими Косово во 2018 година, како и тековните расправии за наводните признавања или непризнавање на Косово од трети земји.

– И Тачи и американската администрација се убедени дека сеопфатен договор би можел да се донесе во 2019 година. Меѓутоа, силните спротивставени ставови продолжуваат и компромисите потребни за постигнување на договорот се чинат малку веројатни, се заклучува во извештајот.