Ако Зоран Заев го замени зборот српски со бугарски за учење во училиштата, ќе има земјотрес, иако за ниту еден друг јазик нема да има проблем, вели бугарскиот европратеник Андреј Ковачев, во интервју за новинската агенција Фокус.

Тој за намерата на македонските власти да изградат Српски културен центар, како и да го вратат изучувањето на српскиот јазик и култура на училиштата, вели дека е суверено право на секоја држава е да прави што сака.

-Не е во тоа што тие одлучија да го сторат, туку во фактот дека тие ги користат овие одлуки како провокација против Бугарија, вели Ковачев.

Бугарија не дозволи Македонија да ги почне преговорите со ЕУ, за Албанија пак дадоа зелено светло за старт на преговори.

-Враќањето на српскиот јазик во училиштата во РС Македонија ги побива некои ставови дека се прекинати врските со Србија и Русија, изјави вицепремиерката и министерка за надворешни работи Екатерина Захариева, пренесува БГНЕС.

Бугарскиот вицепремиер и министер за одбрана, Красимир Каракачанов вели дека „во Македонија има многу повеќе Бугари отколку Срби“. Тој тврди дека „овие Бугари се всушност членови на партии, заменици, министри, спонзори на бизниси, новинари, раководители на институции и служби“.

-Зошто бугарското население не се признава кога таму има само 30.000 Срби, а 120.000 имаат бугарски пасоши и илјадници други кои чекаат да добијат пасоши?, запраша Каракачанов.

Тој рече дека е пологично Македонија да го одбележи 3 март, националниот празник на Бугарија, денот кога Бугарија, заедно со денешна Македонија, беше ослободена од Османлиската империја.

Ваквата реторика со слични изјави и закани од бугарските политичари и други јавни личности трае подолг период.