Малку е веројатно до утре или во следните неколку часа да има некаков нов развој на настаните во однос на сегашната состојба, особено ако се има предвид неуспехот на последниот состанок заедничката бугарско-македонска Комисија за историски прашања.
Ова го изјави денеска бугарскиот европратеник Андреј Ковачев, во врска со можноста за промена на ставот на Бугарија во однос на ветото за преговарачката рамка за земјава со ЕУ во пресрет на утрешниот Советот на министри на Унијата.
Како што јави БГНЕС, според Ковачев, премиерот Зоран Заев треба да манифестира „поголема храброст и поттик“, со цел спроведување на Договорот за добрососедство и пријателство меѓу двете земји.
– Ако во Заедничката мултидисциплинарна експертска комисија за историски и образовни прашања на Бугарија и С. Македонија колегите од Скопје се плашат да ги прифатат фактите, тогаш ќе треба да се најдат други механизми за спроведување на Договорот. Европската унија постои не да се мразиме едни со други, туку да живееме заедно во целосна толеранција, истакна Ковачев.
Според него, не смее да се дозволи младите во земјава „да бидат воспитувани да ја мразат Бугарија“.
– Во текот на последните три децении, ние постојано демонстриравме добра волја – ние бевме првите што ги признавме како независна држава, го браневме нивниот територијален интегритет, дававме различна помош, вклучително и воена, ги враќавме на патот. Од друга страна, она што го гледаме е дека тие не можат да се разделат од приодот на Тито и не се подготвени да ги отстранат наметнатите поделби од комунистичкиот режим, додаде бугарскиот европратеник.
Ковачев оцени дека македонската страна „се обидува да најде разни изговори“, потенцирајќи дека изборите во Бугарија „немаат никаква врска со заедничката историја“.
– Сите бугарски политички партии се согласуваат – не постои начин да се направи компромис со историјата и јасните историски факти, нагласи Ковачев, кого БГНЕС го карактеризира како „еден од најголемите поддржувачи за пристапување на РС Македонија во ЕУ“.