Навистина им се чудам на оние во Скопје кои им изгубија толку многу време на македонските граѓани. Мене ми е многу жал, тажно ми е на срцето дека македонските управници и го губат времето на сопствената држава, наместо да започнат со преговори, изјави европратеникот Андреј Ковачев во интервју за ТВ 21.
Тој одговарајќи на прашањето што може да се направи сега за членството на Македонија во ЕУ, во продолжение рече:
-Наместо сега да е еден од првенците за Европска интеграција, тие се заглавија со користење на пари, дипломатија во Брисел, во Вашингтон, во Париз, да одат да објаснуваат дека треба нешто да се промени. Тоа е изгубено време, изгубено време. Има прифатена европска рамка за започнување на преговорите, таа е прифатена од сите 27 држави, прифатена е од Собранието во Скопје, исто така и во Бугарија од бугарското Собрание, така да сите овие напори што ги вложуваат се на штета, според мене за македонската европска иднина, изјави Ковачев.