Кристина Тасева од Скопје, ученичка во трета година и Сара Стефановска од Крива Паланка, ученичка во деветто одделение, кои се дел од тимот од Здружението на информатичари на Македонија, освоија бронзени медали на Европската олимпијада по информатика за девојки (ЕОИД), што годинава прв пат се одржува во Цирих.
-Заради актуелната пандемија, учеството на тимовите е онлајн, а учесниците од нашиот тим се сместени во хотел во државава, во деновите од натпреварот, соопштија од Здружението.
Во нашиот тим на олимпијадата, што завршува денеска, се и натпреварувачките Атина Рувинова од Охрид и Софија Велковска од Скопје, раководени од лидерите м-р Емил Станков и Владислав Бидиков од Факултетот за информатички науки и компјутерско инженерство (ФИНКИ).
Секоја земја на ЕОИД учествува со тим кој се состои од четири натпреварувачки, лидер и заменик лидер на тимот, а ученичките се натпреваруваат во решавање на алгоритамски проблеми во два натпреварувачки дена. На ЕОИД 2021 учествуваат вкупно 157 ученици од 31 европска земји и 12 земји – гости надвор од европскиот континент (како САД, Канада, Индија, Јапонија, Египет, Казахстан и други).
Од Здружението посочуваат дека голем е успехот на македонските натпреварувачки во оваа исклучително силна конкуренција да освојат два бронзени медала, а и останатите две натпреварувачки да се во рангот на поени кои овозможуваат посебна олимписка пофалба.
– Среќен сум што и во овие вонредни услови, во период кога имавме силен ковид бран во Македонија, успеавме да ги избереме и подготвиме најдобрите натпреварувачки, за да можеме да се натпреваруваме на исто ниво со учесници од 43 земји. Очигледно дека воведувањето на предметите Основи на програмирање и работа со компјутер од трето од петто одделение, и потоа предметите Информатика, Програмирање и Програмски јазици даваат резултати. Изразувам благодарност до општествено одговорната компанија „Нетцетера“, која ги поддржа подготовките на македонскиот тим, истакна претседателот на Здружението, д-р Миле Јованов.
Од Здружението информираат дека денеска почнува 33. Интернационална олимпијада по информатика во Сингапур, на која учествуваат тимови од државава.