Портпаролката на Европската комисија, Маја Коцијанчич потврди дека сексуалната ориентација треба да биде вклучена како основа во законот за анти-дискриминација, јави МИА од Брисел.
По дебатите во јавноста и критиките на граѓанскиот сектор за ставот на повеќе политички партии дека вклучувањето на сексуалната ориентација и родовиот идентитет како основа во законот за администрација е спорно, Европската комисија потсетува дека ова е обврска на патот кон ЕУ.
– Нашата позиција е јасна: нацрт законот за спречување и заштита против дискриминација го подобрува усогласувањето со европските стандарди и ЕУ законодавството, ова треба да ги вклучи сексуалната ориентација и родовиот идентитет како основи за дискриминација, изјави Коцијанчич.
Од Европската комисија упатуваат и на последниот извештај за Македонија во овој дел, каде се вели дека е од „суштинско“ значење да бидат вклучени сексуалната ориентација и родовиот идентитет како основа за дискриминација и нацртот да биде изменет во согласност со мислењето на Венецијанската комисија„.
Понатаму извештајот на ЕК истакнува и дека „промените ќе треба да се рефлектираат и во други закони, вклучително и кривичниот законик“.