Морална, професионална и политичка одговорност побара опозициската ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата „За подобра Македонија“ со поднесената интерпелација за шефот на македонската дипломатија, Никола Димитров.

Му забележуваат дека функцијата ја извршува несовесно, нестручно и спротивно на македонските интереси,  го обвинуваат за двата договора – со Бугарија и Грција, со кои нагласуваат се загрозуваат македонските интереси, а особено за тоа што опозицијата не била вклучена во овие процеси.

Собранието денеска на продолжението на 81-та седница ја почна расправата за интерпелацијата за работата на министерот за надворешни работи Димитров со 20 минутно образложување на причините поради кои е поднесена од страна на координаторот на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Мицевски.

-Денешната интерпелација се однесува на едниствениот министер во историјата на независна Македонија, кој на дрзок и препотентен начин ја навреди македонската нација од оваа говорница. Тој македонската нација ја нарече искомплексирана и тоа затоа што не сака промена на името на државата, рече координаторот на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Мицевски.

Нагласи дека со тоа министерот Димитров го нарушил угледот и достоинството на македонскиот народ,  но и на РМ.

-За нас е недозволиво и неприфатливо министер за надворешни работи на ваков дрзок начин да ги навредува граѓаните на нашата држава. Не беше дозволен да се извини за ваквите зборови, ниту тој се извини, ниту Владата се извини за неговите зборови, рече Мицевски и нагласи дека шефот на дипломатијата не ги штити националните и државните интереси.

Откако Димитров стапил на функција во 2017 година, според Мицевски, Македонија постојано трпи порази на надворешен план. – А тој сака сето тоа да го сервира како некоја победа, како што тој вели да ни ја биде Македонија, рече Мицевски.

Уште еднаш го повторни ставот на ВМРО-ДПМНЕ дека Договорот од Преспа е штетен за Македонија, бидејќи како што рече „со него се менува идентитетот, јазикот, културата и историјата на државата“.

Мицески истакна дека Димитров не е способен за министер за надворешни работи и додаде дека тој е најпопустливиот шеф на дипломатијата.

Димитров од собраниската говорница истакна дека од потпишувањето на Договорот од Преспа од јуни минатата година досега во секоја прилика се обидува да ги расчисти сите дилеми во однос на документот и сите процеси поврзани со него.

Појаснувајќи ја изјавата за која ВМРО-ДПМЕ тврди дека ја навредил македонската нација, тој посочи дека еден од главните проблеми била политиката на антиквизација и обидите да се отворат вратите на НАТО и ЕУ со таа политика.

-Тој пат пат стана невозможен. Политиката на антиквизација го направи невозможен, бидејќи битката за македонскиот идентитет во 21. се сведе на правото на самоопределување, се однесе на теренот на тоа кој има посилни побарувања врз античкиот период, рече шефот на дипломатијата.

Како втор проблем го посочи тоа што во име на одбрана на идентитетот, тој всушност бил искомпромитиран на домашен терен.

-Кога го кажав тоа се повикав на изјава на еден ваш претходен колега, кој збориваше во прилог на антиквизацијата, рече Димитров, нагласувајќи дека македонскиот идентитет не почнал да се гради во 2010 година, како што било тогаш посочено, на македонскиот идентитет не му треба „стиропор“ за да се афиримира и да биде горд.

– Мојата реакција беше во одбрана на македонскиот народ од таа навреда, рече Димитров.

Цитираше изјави и ставови на голем број меѓународни претставници, фунционери на повеќе земји, кои го поздравуваат решавањето на спорот со Грција, но го цитираше и грчкиот премиер Алексис Ципрас, кој на Грците им порача дека не можат да дадат и да се откажат од нешто што никогаш го немале, „ние никогаш не сме имале македонски јазик“.

Антионио Милошевски од ВМРО-ДПМНЕ истакна дека доколку на пример шефицата на бугарската дипломатија Екатерина Захариева во мирна или жестока расправа изјави дека бугарската нација или дел од неа е искомплексирана, таа веднаш од морални причини би си поднела оставка. Додаде дека истото ќе се случи и доколку таква изјава дал Никос Коѕијас или кој било други шеф на дипломатијата.

Во врска со ставовите за антиквизација, Милошоски нагласи дека одлуката за изградба на споменикот на Александар Македонски е донесена во 2004 година од советниците на СДСМ и ДУИ и праша дали кога побарале да се гради тој споменик, тие биле искомпелсирани советници.