Европската тројка што денес престојуваше во Македонија – министрите на Австрија, Чешка и Словачка, Александер Шаленберг, Јан Липавски и Мирослав Влаховски, по средбата со ВМРО-ДПМНЕ и со претставниците на власта одржа уште една прес конференција на која порачаа дека задачата е пред нас, дека знаеме што очекува Европската унија, дека нов договор нема да има и дека се дојдени тука јасно да кажат што можат а што не можат да направат за нашата држава.
Тие исто така порачаа дека целта не им е да донесат или да наметнуваат решенија, дека одлуката треба да биде наша, а не на Брисел или некој друг, но дека пратениците мудро треба да размислат, да се стават над партиските политики и да донесат одлука што е во интерес на државата и на граѓаните.
-Ние сме посветени, ние се грижиме и сме ангажирани бидејќи Северна Македонија е важна за нас. Земјата покажа голем капацитет за трансформација, големо чувство за одговорност и работеше многу напорно да опстои на патот за ЕУ изминатите 18 години. Сигналот е јасен. Сфаќам дека земјата не напредува брзо како што сакате и дека тоа создава фрустрации, па прашањето сега е како да се справите со нив. Сите со коишто разговаравме покажаа политичка одговорност и рекоа дека сакаат да се одржи евроинтеграцијата. Не дојдовме тука да се мешаме во внатрешните работи ниту пак да морализираме бидејќи решението треба да дојде од Скопје и од македонскиот народ и тоа мора да биде ваше решение. Патот вреди и едвај чекаме да ги видиме вашиот јазик, историја и култура како дел од ЕУ. Сите сме свесни што е пред нас и нема начин како да се избегнат уставните амандмани. Ова е нешто на што треба да се работи и постои свест дека работата треба да се заврши“, рече Шаленберг, најавувајќи дека пораките што ги добиле во Скопје ќе му ги пренесат на шефот на дипломатијата на ЕУ, Жозеп Борел.
Чешкиот шеф на дипломатијата, пак, посочи дека се свесни за чувствителноста на ова прашање, дека во разговорите ги слушнале коментарите и загриженостите, но останал убеден дека никогаш нема да има поповолна ситуација за евроинтеграцијата на Македонија од оваа сега.
-Убеден сум дека усвојувањето на овие дополнувања на Уставот ќе отворат пат за членство на Северна Македонија во ЕУ.Колку побрзо се усвојат толку побрзо ќе станете дел од неа.На овој пат ние ќе направиме се што можеме да спречиме дополнителни барања во однос на билатералните прашања. Ги повикувам сите пратеници во Собранието да ја надминат партиската политика и да размислат за евроинтеграциската иднина на државата и за придобивките за граѓаните.Се надевам дека во Собранието мудро ќе размислат и наесен ќе се сретнеме на втората меѓувладина конференција, рече чешкиот министер.
Словачкиот министер нагласи дека не треба да се пропушти овој моментум бидејќи нема алтернатива која може да обезбеди прогрес во оваа исклучителна фаза од евроинтеграцијата, а обидот да се добијат политички поени на оваа тема – е екстремно контрапродуктивен.
-Ако се закажат предвремени избори тоа би било многу контрапродуктивно, рече тој, нагласувајќи дека место тоа политичките лидери треба да изградат национален консензус за ова прашање.
Шаленберг не сакаше притоа да изнесува детали околу средбата со ВМРО-ДПМНЕ нагласувајќи дека не сакаат да бидат дел од дебатата туку од решението и дека не дошле тука со очекување дека за осум часа ќе се реши проблемот.
Запрашан дали верува дека нема да има нови бугарски блокади за Македонија, нешто во што не верува јавноста кај нас, Липавски рече дека е очигледно дека овој процес бара едногласност во одлучувањето и дека никој не може да го исклучи влијанието на домашната политика во некои земји членки врз него, но дека сега постои многу наклонета атмосфера во ЕУ за проширувањето што не постоеше пред две години и ова е единствен момент за што нема гаранција дека ќе се повтори, па затоа е подобро да го искористиме.
-Ќе се обидам да направам се за да се спречат барања на билатерална основа, но не постои начин како да се обезбеди гаранција дека ќе биде така, порача тој најискрено, на што Шаленберг додаде дека во преговарачката рамка што е усвоена сепак не се вклучени како услови билатералните прашања и дека договорот што беше постигнат за нашите преговори го прифатиле сите земји членки на Унијата вклучувајќи ја и Бугарија.
-Прашањата од историјата треба да останат билатерални прашаа, рече тој, посочувајќи дека и тие се преставници на три земји кои делат иста историја, а решението го нашле во заедничката европска иднина.