Христијан МИЦКОСКИ

Денеска, делегација на ВМРО-ДПМНЕ и Коалицијата за обнова на Македонија, во чиј состав беше и раководството на ВМРО-ДПМНЕ, како и пратениците од пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ и Коалицијата за обнова, остваривме средба со претставници на три пријателски држави, земји-членки на Европската унија, Н.Е. Александар Шаленберг, министер за надворешни работи на Австрија, Н.Е. Јан Липавски, министер за надворешни работи на Чешка и Н.Е. Мирослав Влаховски, министер за надворешни работи на Словачка.

Се заблагодаривме за посетата на високите гости од Австрија, Чешка и Словачка и се осврнавме на ситуациите во Македонија, поврзани со Европската Унија.

При тоа, истакнавме дека пречка на патот на Македонија кон ЕУ, повеќе и од Бугарија, е корупцијата во највисоките ешалони на власта, невладеењето на правото и злоупотребата на институциите.

Беше подвлечена злоупотребата на европското знаменце во Собранието на РМ, каде се прави обид закони за игри на среќа и закони на штета на македонските граѓани да се поставуваат во скратена процедура за да се избегне дебата и одговорност пред граѓаните. Ја подвлековме конструктивната улога која Македонија ја играла во регионот сите изминати години, во сите кризи на Балканот.

Во врска со намерата на власта, без вклучување на опозицијата во ниеден дел од преговорите, да протурка низ Собранието уставни промени под ултиматум од бугарска страна, едногласно го повторивме заедничкиот став дека уставни измени под диктат нема да бидат поддржани и дека државата итно треба да се фокусира на завршување на вистински реформи на системот кои ќе значат вистинска европеизација.

Ставот на претставниците на ВМРО-ДПМНЕ и Коалицијата за обнова на Македонија останува дека европеизацијата на Македонија не смее да значи откажување од основните идентитетски одредници на македонскиот народ, вклучување на билатерални историски прашања во преговори со ЕУ и поигрување со националните чувства на македонскиот народ.