Програмата за европска одбранбена индустрија, безбедноста на воздушниот простор и критичната инфраструктура на ЕУ, Предлог-буџетот за 2026 година, сигурноста на играчките, заштитата на малолетници од несоодветни онлајн содржини и Законот за дефорестација ќе бидат главни теми на овонеделната пленарна сесија на Европскиот парламент во Стразбур.

Заседанието почнува доцна попладнево со дебата по извештајот на холандската европратеничка Тинеле Стрик од редовите на Зелените за „постоење на јасен ризик од сериозно кршење на вредностите врз кои е основана Унијата од страна на Унгарија“, по што ќе следи расправа за зајакнување на полициската соработка во борбата против шверцот на мигранти и трговија со луѓе. За усвојување на двата извештаи европратениците ќе се изјаснат утре. Дополнително, вечерва ќе се организира и одбележување на 30-годишнината од Барселонскиот процес и Пактот за Медитеранот.

Утрешното продолжение на сесијата ќе започне со дебата за Програмата за европска одбранбена индустрија (ЕДИП), дизајнирана да ја зајакне одбранбената индустриска база на ЕУ и да ја зголеми поддршката за одбраната за Украина, по која европратениците треба да се изјаснат за нејзино усвојување.

Во продолжение ќе се одржи дебата по Извештајот за заштита на малолетниците на интернет, по кој европратениците ќе се изјаснат в среда. Во Извештајот се повикува на мерки за забрана на дизајни што предизвикуваат зависност и на функции слични на коцкање во онлајн игрите, како и на воспоставување возрасен праг од 16 години за пристап до социјалните медиуми.

Пратениците во текот на денешниот ден ќе одржат дебата по повод Меѓународен ден за елиминација на насилството врз жените, а, меѓу другото, ќе расправаат и за Извештајот за Европскиот штит за демократијата, за новиот „дигитален омнибус“ за поедноставување на технолошките правила, за хуманитарната ситуација во Судан, за дипломатската стратегија на ЕУ и геополитичка соработка на Арктикот и за состојбата во Мјанмар, со посебен акцент на положбата на Рохинџите.

Покрај за Програма за европска одбранбена индустрија, европратениците утре, меѓу останатото, ќе гласаат и за усвојување на нови правила за безбедност на детските играчки, како и за извештаите за обезбедување побрза регистрација и употреба на биолошки контролни агенси и за влијанието на вештачката интелигенција врз финансискиот сектор.

В среда сесијата ќе започне со дебата за ефикасно користење на трговската и индустриската политика на ЕУ за справување со извозните ограничувања на Кина на ретките минерали, кои се клучни за дигиталната и зелената транзиција на ЕУ.

Во попладневното продолжение на заседанието ќе се одржи тематската дебата иницирана од Европската народна партија за положбата на христијанските заедници и верските малцинства во Нигерија и на Блискиот Исток и одговорноста на Европа да нивна заштита, по што европратениците, меѓу останатото, ќе расправаат и за Пакетот за одбрана на демократијата, за тековните закани од страна на Русија и Белорусија по воздушниот простор и критичната инфраструктура на ЕУ, за Стратегијата на ЕУ за правата на лицата со попреченост, за правилата за транспарентност на застапувањето на интересите, односно лобирањето за трети земји, како и за Договорот за трговија и соработка меѓу Унијата и Велика Британија.

За време на гласањето в среда европратениците покрај за Извештајот за заштита на малолетниците на интернет, меѓу другото, ќе се изјаснат и за Предлог-буџетот за 2026 година, за Регулативата за дефорестација и за заштита на потрошувачите во ЕУ од практиките на одредени платформи за е-трговија.

На последниот ден од овонеделната сесија, в четврток, европратениците ќе дебатираат за развој на индустрија за одржливо гориво за воздухопловството и поморството во Европа, за резултатите од Конференцијата за климатски промени на ОН (КОП30) во Белем, како и за одгледувањето на крзно и пласирањето на крзнени производи во ЕУ.