Грчкиот судија Линос-Александер Сицилијанос е избран за нов претседател на Европскиот суд за човекови права, јави МИА од Стразбур.

Мандатот на Сицилијанос ќе почне на 5 мај 2019 година и тој на оваа престижна и одговорна функција ќе го наследи Италијанецот Гвидо Рајмонди.

Судијата Сицилијанос е роден на 9 мај 1960 година во Атина. Тој дипломирал право на Универзитет во Атина во 1983 година, а магистрирал меѓународното право на Универзитет Роберт Шуман во Стразбур во 1984 година. На истиот Универзитет стекнува докторат по правни науки во 1990 година.

Покрај бројните функции во Грција и на меѓународен план, тој е избран за судија во Европскиот суд за човекови права од 18 мај 2011 година. Од 1 февруари 2017 година беше претседател на секција на Европскиот суд за човекови права, а од 1 мај 2017 година и потпретседател на Трибуналот.

За нов потпретседател на Судот, на досегашното место на Сицилијанос, е избран исландскиот судија Роберт Спано.

Судот се состои од по еден судија од секоја од 47-те држави што ја ратификувале Европската конвенцијата за човекови права. Судот е поделена на пет секции во кои се наоѓаат совети од по седум судии. Судот, исто така, заседава и во Големиот судски совет од 17 судии.

Судот има двајца потпретседатели, од кои секој од нив претседава со една од секциите, додека другите три секции имаат свои претседатели.