Главните европски партии на левиот центар веруваат дека Европската унија треба постепено да премине кон мнозинско гласање во некои области од надворешната политика, се наведува во нацрт-документот на Партијата на европските социјалисти (ПЕС) до кој увид имале британските медиуми.

Надворешната политика на ЕУ во моментов бара едногласна согласност од сите земји-членки, што според критичарите го попречува донесувањето одлуки и е особено проблематично за време на големите кризи, како што е актуелната со руската војна против Украина.

Помалите земји вобичаено стравуваат дека нивните национални интереси нема да бидат заштитени без вето.

Меѓу социјалистичките лидери кои денеска ќе дојдат во Берлин на дводневниот самит на ПЕС се шефовите на владите на Шпанија, Португалија, Шведска, Норвешка и Финска.

Партиите на левиот центар моментално се дел од владите во 13 од 27 земји членки на ЕУ, вклучувајќи ја и германската трипартитна коалиција предводена од социјалдемократскиот канцелар Олаф Шолц, кој утре ќе го одржи главниот говор на ПЕС.

Европските социјалисти веруваат дека правилата на ЕУ за националната државна помош треба да се ублажат за да се обезбеди повеќе финансиски простор за борба против разорното влијание на актуелната енергетска криза, се наведува во нацрт завршната изјава на самитот на ПЕС.