Наспроти преговорите со останатите групи околу поделбата на водечките функции во ЕУ, Прогресивната алијанса на социјалистите и демократите (СД) се соочува и со внатрешна дебата околу лидерските позиции во оваа лево центристичка групација.
Досега најбројна партија во СД беше Социјалистичката работничка партија на Шпанија (ПСОЕ), па со групата раководеше шпанската европратеничка Ираче Гарсија Перез. Но, по изборите за Европскиот парламент одржани овој месец, најбројна во СД со 21 европратеник, еден повеќе од ПСОЕ, стана италијанската Демократска партија (ПД), па Италијанците сега имаат легитимно право да инсистираат на претседателското место во групата.
ПСОЕ со сите сили се бори да ја задржи функцијата претседател на СД, па не е исклучено ПД да се откаже од претседателското место во замена за позицијата потпретседател на Европскиот парламент и добивање поголем број претседатели на парламентарните комитети. Дополнително, ПД би можела за „отстапувањето“ на лидерската позиција во СД, да инсистира на добивање на местото претседател на Европскиот парламент, кое во втората половина од неговиот мандат би требало да им припадне на социјалдемократите.
Според извори во СД, генерален став кој преовладува во групата е дека претседателската функција најверојатно ќе остане во рацете на ПСОЕ, бидејќи Гарсија Перез има мнозинска поддршка, а од друга страна таа има и „одлични односи“ со лидерката на ПД, Ели Шлајн.
Изборот на претседател и потпретседатели на СД е закажан за 25 јуни, до кога е и рокот за поднесување на кандидатури.
Се очекува клучно влијание околу изборот на претседателот на СД да имаат Социјалдемократската партија на Германија (СПД) и француската Социјалистичка партија (ПС), кои се трета и четврта партија по бројност во Прогресивната алијанса на социјалистите и демократите. Француската ПС е особено „осоколена“ со добриот изборен резултат на нејзината коалиција, што и донесе зголемување на бројот на европратеници од досегашните седум на 13.
Францускиот социјалистички европратеник Тома Пелеран-Карлан изјави дека Гарсија Перез има целосно право да биде повторно избрана „со оглед на работата што ја заврши“, но дека тие се отворени за поддршка и на други кандидати.
– Ако се појави италијански кандидат, ќе видиме што се нуди и кои проекти се предлагаат, додаде Пелеран-Карлан.
Според него, француската поддршка за некој претседателски кандидат ќе биде условена со добивање на „влијателна позиција во Европарламентот поврзана со одбраната“ за носителот на изборната листа на ПС, Рафаел Глуксман, како и со едно потпретседателско место во СД, за кое веќе е поднесена кандидатура на пратеникот Кристоф Клержо.
Клержо во својата кандидатура напоменува дека ПС е „среќа што со новите француски мандати придонесува за зајакнување на политичкото семејство“ на социјалдемократите.
– Наш прв предизвик мора да биде да го подобриме нашето колективно функционирање со цел да имаме поголемо влијание и да бидеме поефикасни во уште подесничарскиот Парламент, каде сега ќе биде потешко да се извојуваат победи, отколку што беше досега, наведува Клержо во својата кандидатура, потенцирајќи дека социјалдемократите мора да спречат внатрешни раздор.
Од друга страна, свое влијание на внатрешните избори во СД ќе имаат и германските социјалдемократи. До изборите во 2019 година, СПД секогаш беше најбројна партија во групата на европските социјалдемократи. На тие избори, приматот им го презеде ПСОЕ, а по овогодшното гласање СПД падна на третото место со 14 мандати или два помалку отколку што имаше досега.
Пред изборите, носителката на листата СПД, Катарина Барли важеше за најсериозен кандидат на социјалдемократите за претседателка на Европскиот парламент во втората половина од неговиот мандат, откако во првите 2,5 години со него речиси сигурно ќе продолжи да раководи Роберта Мецола, која нејзината Европска народна партија (ЕПП) во средата и официјално ја предложи за оваа функција.
Сепак, по лошите изборни резултати на СПД, Барли ја отфрли можност да биде кандидатка за претседателка на Европарламентот, со што останува простор оваа позиција да ја преземе европратеник од редовите на италијанската ПД, под услов да се откажат од лидерското место во СД.
Целиот „гордиев јазол“ околу распределбата на функциите меѓу социјалдемократите го замрси и предлогот на ЕПП за „поделба на мандатот“ на претседателот на Европскиот совет. Согласно Договорот на ЕУ, претседателот на Советот се бира со мандат од 2,5 години со право на реизбор. Досега по правило кандидатот избран на почетокот на мандатот, по истекот на првите 2,5 години беше реизбиран на функцијата.
Но, сега ЕПП и предлага на СД во првите 2,5 години со Советот на ЕУ да претседава на претставник на социјалдемократите, за што кандидат е поранешниот португалски премиер Антонио Кошта, по што во вторите 2,5 години оваа функција би ја преземал кадар на Европската народна партија.
Доколку социјалдемократите не го прифатат овој предлог, ЕПП би можела да одбие да им го препушти местото претседател на Европарламентот во втората половина од неговиот мандат, па во таков случај евентуалниот италијански социјалдемократски кандидат за оваа функција би останал со „куси ракави“.
Фото: МИА Архива