Со блокирањето на стартот на преговорите за членство во ЕУ со Македонија и Албанија, францускиот претседател Емануел Макрон го шокираше и го поткопа регионот, чија стабилност е поврзана со стабилноста на европскиот континент, оценува лондонскиот весник „Фајненшл Тајмс“ во анализата под наслов „Новото раководство на ЕУ мора да ги утврди своите правила во надворешната политика“.
Весникот оценува дека во случајот со Македонија, потегот на Макрон ја покажал хипокризијата ЕУ, потсетувајќи дека Унијата долго време ветуваше почеток на преговорите за членство доколку земјава најде компромис со Грција околу името, услов кој беше исполнет со Договорот од Преспа, што стапи во сила во февруари.
– За волја на вистината, Макрон не беше сам во изразувањето резерви кон проширувањето на ЕУ кон Југоисточна Европа. Данска и Холандија ја поддржаа Франција во спротивставувањето на преговори за членство со Албанија. Покрај тоа, кога Европскиот парламент ја усвои Резолуцијата за поддршка на започнувањето на преговори за членство со двете балкански држави, 136 европратеници или речиси една четвртина од оние што гласаа, го поддржаа ставот на Макрон, оценува „Фајненшл Тајмс“.
Весникот смета дека Макрон е во право кога инсистира дека Унијата мора да се фокусира на внатрешните реформи, пред да прими нови членки, оценувајќи дека „најзначајниот проект на ЕУ“ – 19-члената Еврозона, останува до половина изградена куќа, а недостасува и широка европска акција во некои области како што се миграцијата и политиката за азил.
„Фајненшл Тајмс“ потсетува и дека се појавиле гласините оти вистинската цел на Франција е „засекогаш да ја затвори вратата на ЕУ за земјите од Западен Балкан“ и наместо тоа да им биде понудено членството во т.н. европска економска зона, со што тие држави би останале надвор од политичките институции на Унијата и би останале Европејци од втор ред.
– Неуспесите во Сирија и на Балканот се симптоми кои укажуваат на несигурната позиција на ЕУ во глобални рамки и на неефикасноста на француско-германската соработка. Но, ако ЕУ не може да ги реши работите пред својата врата, каде ќе може, заклучува „Фајненшл Тајмс“ во својата анализа.