Трагедијата во модуларната болница во Тетово, во која животот го загубија 14 наши сограѓани, останува најцрниот симбол на начинот на кој СДС и Венко Филипче управуваа со здравствениот систем, со импровизации, со законски измени по своја мерка и со целосно занемарување на безбедносните стандарди, вели Валентин Манасиевски, член на ЦК на ВМРО-ДПМНЕ.

-Наместо да се подобрат условите во постојните болници и да се обезбеди сигурност за пациентите, тогашната влада на СДС по итна постапка го измени Законот за градење. Модуларните болници тогаш беа ставени во категорија „урбана опрема“, со што се заобиколија редовни постапки и контроли. Одобрението за поставување го издаваше Министерството за здравство, односно тогашниот министер Венко Филипче. Законот беше сменет за да се реализира проектот, а не за да се заштитат граѓаните. Според јавно изнесените тврдења на поранешната обвинителка во СЈО Лејла Кадриу, наместо квалитетни панели со камена волна кои се отпорни на оган дури до 40 миниту, биле поставени панели со пур пена – материјал што лесно гори. Дополнително, се посочува дека немало елаборат за електрична енергија, ниту соодветна разводна табла, истакнува тој.

Манасиевски потенцира дека ова не се административни пропусти, туку сериозни безбедносни отстапки кои довеле до фатални последици.

-Дополнително, Филипче го одбил и предлогот ковид пациентите да бидат сместени во двата слободни ката во болницата во Тетово. Наместо ова, тој туркал проект вреден милиони евра. Од добиените 30 милиони евра, Филипче потрошил 300.000 евра. Прашуваме, каде завршиле останатите средства? Кој ја презема одговорноста? Дополнително шокантно е дека објектот бил поставен над резервоар на бензинска пумпа, со што можело да се предизвика уште поголема трагедија. Поранешната обвинителка Лејла Кадриу јавно изјавува дека била суспендирана откако побарала градежно вештачење и дека доколку истрагата продолжела, како што вели таа, пола влада ќе завршела во затвор. Ако обвинител се трга во момент кога се доближува до одговорноста на високи функционери, тоа говори за директни притисоци и целосна партизација на правосудниот систем. Ова беше системот на СДС и Филипче, законите се менуваа по потреба, институциите се ставаа под контрола, а одговорноста се избегнуваше. Граѓаните заслужуваат целосна истрага, јасна одговорност и правда. Македонија не смее повеќе да биде држава во која политичката моќ е над законот, порача Манасиевски.