На 17 ноември Агенцијата за управување со одземен имот на Министерството за финансии во буџетот му префрлила 374.638.383 денари, или 6,14 милиони евра, пишува Фактор.
Агенцијата за конфискација за прв пат во историјата откако е основана префрла во буџетот вака голема сума на пари. Досега, запленетиот имот главно се состоел во автомобили кои понатаму се распределувале на државните органи, или пак се одземале недвижнини со комплицирана понатамошната постапка за продажба по судски пат.
Директорот на Агенцијата за управување со одземен имот, Фатон Асани, за Фактор изјави дека овие пари се одземени од поранешниот директор на тајната полиција Сашо Мијалков и понатаму со нив ќе располага државата.
– Тоа е „сува“ пара од случаите со Сашо Мијалков и најдобриот резултат досега на агенцијата, не само јас откако сум директор, туку воопшто откако е основана. Можам да најавам само дека и во наредниот период ќе следуваат огласи на кои ќе биде објавуван одземен имот за продажба по претходна проценка на неговата вредност од Бирото за судски вештачења и дека очекувам нови приливи на финансиски средства, ни одговори Асани.
Претходно најдобар резултат, кога станува збор за готовина, оваа институција покажала во 2015 кога на два пати во буџетот биле префрлени по стотина милиони денари. Асани вели дека за подобри резултати потребни се повеќе професионалци и побара од Министерството за финансии да му ги одобри потребните вработувања. Единствено задоволен е од тоа што барем агенцијата добила нови поголеми простории за работа.